Ќе го скрши ли Сигурдсон малерот на завршниот турнир во Келн?

Исландското брзо крило, Гудјон Валур Сигурдсон никогаш не ја освоил Лигата на шампионите, иако најмногу учествувал на завршниот турнир. Утре ќе истрча во дресот на Барселона во четврт различен дрес во „Ланксес арената„ со желба да го скрши малерот и конечно да го освои големиот пехар од најквалитетниот Куп. Во 2011 година во дресот на Рајн Ловен Некер го освои третото место, откако загуби во полуфиналето од Кил.

Наредната година исланѓанецот го облече дресот на Копенхаген и пак загуби во полуфиналето од „зебрите„. Во последните две сезони го носеше дресот на Кил, но ни тогаш не успеа да ја освои Лигата на шампионите. Најнапред во мај 2013 година го загуби полуфиналето од Хамбург, а минатата година потклекна во своето прво финале од Фленсбург. Скоро 37 годишниот Сигурдсон оваа година како фаворит се надева дека ќе се најде на вистинската страна во Келн. Утре во полуфиналето тој и соиграчите ќе играат против Киелце од 15:15 часот.




