hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Македонија со блесоци, но Франција е пресилна за „црвено-жолтите„

fra - mkd 1

Квалификации за ЕП - Полска 2016 година
Франција - Македонија 35:24 (17:10)

Франција без Акамбре и Бараше, Македонија без Наумче Мојсоски за разлика од мечот во средата, излегоа на мегдан во исполнетата арена во Тулуз. Опоравениот Нарцис и дебитантот Дипанда добија шанса од првата минута, а ракометарот на ПСЖ го постигна првиот гол на средбата. Македонија возврати со два прекрасни гола на Филип Лазаров за 2:2. Нашето одлично отворање во првите 10 минути го комплетираа головите на крилата Манасков и Георгиевски за 4:4. По исклучувањето на Јоноски во 12 минута, Франција за прв пат побегна на +2, со вториот гол на Никола Карабатиќ.

При 8:5, Обрван побара тајм-аут и веднаш стигна реакцијата од капитенот. По две асистенции, Кирил Лазаров постигна уште два гола за 8:7 во 16 минута. Светскиот првак возврати со голови на крилата Гигу и Абало и резултатот во 18 минута гласеше 10:7. По грешката на Прибак, бившиот соиграч на Кирил Лазаров од Реновалиа Сиудад Реал, Абало ги одлепи момците на Онеста на +5. Нашата селекција влезе во криза и по 6 минути без постигнат гол, Жоли го надмудри Борко Ристовски од седмерец за 13:7. Лазаров и Манасков ја разбија агресивната зона на „галските петли„ за трет гол на крилото на Вецлар и прекинување на домашната серија. Валентин Порт максимално ги искористи нашите чести исклучувања и погоди за највисоки 15:8 во 27 минута.

fra - mkd 2

Со 6-7 гола предност за Франција првиот дел влезе во последните 2-3 минути. Комотно фаворитот ги користеше нашите 7 технички грешки во првиот дел, кој го реши во своја полза со 17:10. Вториот дел почна со братска комбинација, по која Кире ја забележа петтата асистенција, а Филип Лазаров го постигна третиот свој гол за 17:11. Капитенот веднаш потоа од седмерец го постигна својот четврт гол, совладувајќи го Думулин за +5 за домаќините. Ангелов застана на голот и одбрани 2-3 топки во почетната фаза од второто полувреме. Лазаров со „бомба„ дојде до шест гола за 19:14 во 38 минута. Одговорот на Онеста беше Нгесан, кој како и во Скопје даде три гола од исто толку обиди. Французите се опуштија, имаа видлив пад на концентрацијата и Стоилов и Манасков со лесни голови спуштија до -4 во 40 минута. Прибак го постигна својот прв гол и го принуди Онеста на минута одмор при 21:18 во 42 минута. Во 43 минута Јоноски доби удар во глават по цврстиот дуел со Нарцис, а Никола Карабатиќ го прекина нашиот позитивен момент.

Својот феноменален меч, Лазаров го продолжи со ефектен гол за 23:20, но при падот заработи повреда на бутниот мускул од десната нога. Но капитенот остана во игра во обид да играме егал меч со светскиот првак до самиот крај. Но „плавите„ реагираа со серија 4:0, инспирирана од враќањето на Никола Карабатиќ во игра и Думулин на голот (27:20). Нашата игра драстично падна, Обрван не успеа ниту со два тајм-аути да ги подигне ритамот и Дипадна ги реши дилемите околу победникот со гол за 29:20. Со атрактивен цепелин, јунакот од мечот во Скопје, Мае ја донесе највисоката предност од +10. Во финишот првите наши голови ги постигнаа Пешевски и Костевски. Франција лесно го приведе мечот кон крај за финална победа од 35:24 и математички пласман на првото место во групата и учество на шампионатот во Полска, каде „триколорите„ ќе го бранат златото освоено во Данска. Кај победниот Карабатиќ повторно диригираше, а сите ракометари се запишаа меѓу стрелците. Во нашата репрезентација повторно беспрекорен беше капитенот Кирил Лазаров кој постигна 9 гола, а имаше и 7 асистенции. Квалификациите продолжуваат во јуни кога со мечевите во Сент Гален со Швајцарија и во Скопје против Чешка ќе го бркаме билетот за европското првенство во Полска.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

Share