Oнеста се враќа во неговиот Тулуз

Градот Тулуз има големо значење за францускиот селектор, трофејниот Клод Онеста. Тој е роден во малото место Алби, но најголемиот дел од животот го минува во Тулуз. На 11 годишна возраст, почна да тренира ракомет и беше активен ракометар се до 1987 година, кога стана тренер на Тулуз.
Потоа цели 14 години Онеста од клупа го предводеше Тулуз, се до 2001 година, кога е назначен за селектор на Франција. Во неговото време Тулуз ги постигна најдобрите резултати во својата историја: победник на Купот на Франција во 1998 година и финалист на истиот во 1999 година, како и третото место во француската лига во сезона 1997/98. Во женската екипа на Тулуз сеуште тренира неговата ќерка Марина Онеста. Каде што израсна, оформи семејство и ја мина активната спортска и добар дел од тренерската кариера, таму денес Онеста ќе ја води Франција против Македонија.




