Лазаров: „Посебно ми се допаѓа што претерано не ја респектираме Франција„
За разлика од мечевите со бившиот светски првак Шпанија, во Скопје и Гвадалахара пред две години, македонската ракометна репрезентација игра позрело и покомплетно против актуелниот првак, Франција. Со таква самодоверба здобиена по мечот во Скопје, Лазаров и другарите едвај го чекаат денешниот меч во Тулуз. Капитенот ја растерети групата, потенцирајќи дека најмногу му се допаѓа што ниту еден негов соиграч претерано не го респектира противникот:
"Добрата игра во првиот натпревар сигурно дека ја подигнува самодовербата на сите во нашиот состав, не само за овој меч туку и за настапите во продолжението од квалификациите. Треба и овој меч да го одиграме во ист стил. За разлика од мечевите во минатото, во средата навистина играме многу разновидно, Не само во одбраната туку и што е најважно во нападот. Ќе пробаме повторно да одиграме еден квалитетен натпревар, владее одлична атмосфера во тимот, посебно ми се допаѓа што ниту еден од играчите нема преголем респект кон противникот. Нема да се оптоваруваме со резултатот, едноставно ќе влеземе релаксирано и ќе се обидеме да уживаме во играта и повторно да му пружиме силен отпор на фаворизираниот противник. Нема да бркаме резултат, но ако работите се отворат и имаме шанса за изненадување сигурно дека нема да ја пропуштиме" изјави капитенот Лазаров. Ракиометарот на Барселона постигна 8 гола на мечот во СЦ „Борис Трајковски„ во средата, кој „галските петли„ го добија со 23:25.




