ВИДЕО: Сорондо: „Се играше на детали, а тие на крајот беа на наша страна„

Победата во Скопје, светските прваци скоро и математички да ги квалификува за европското првенство во Полска, каде ќе го бранат златото освоено во Данска пред 16 месеци. Еден од адутите на Клод Онеста и на мечот со Македонија е Седрик Сорондо, кој констатираше дека не е лесно да се победи на теренот на Македонија, како и дека нема да биде лесно да се победи на гостувањето кај Чешка:
„Ова беше многу тежок меч, посебно физички тежок. Мислам дека Македонија на овој терен е тежок ривал. Посебно во ваков случај, кога немаме многу време да тренираме, овој пат имавме само два дена. Мислам дека за двете репрезентации ова беше многу добар натпревар и на крајот се играше на неколку детали и победивме, што е најважно после ваков тип на натпревар. Скоро сме квалификувани, но не треба да размислуваме така. Една од причините што стигнавме до толку победи е „гладта„ за секоја победа. Мора да одиме натпревар по натпревар, знаеме дека и останатите мечеви ќе бидат тешки. На пример Чешка во гости е многу тежок натпревар, како и Македонија на овој терен„ ни рече Сорондо.
Тој се осврна и на неговиот клубски другар од дресот на Барселона, Кирил Лазаров кој синоќа беше негов противник: „И надвор од теренот Кирил е исто така шампион. Тој е мирно момче, секогаш е отворен за другите, можете да го прашате што сакате. Имаме одличен однос, тој е прекрасна личност„ заврши Сорондо.




