ВИДЕО: Лазаров: „Штета што ја испуштивме шансата за изненадување„

Со осум гола и голем број асистенции капитенот Кирил Лазаров и против Франција покажа висока класа и лидерство. По мечот колку беше големо задоволството од добро одиграниот меч, толку беше чудно чувството за испуштената шанса да се остане непоразен против апсолутниот доминатор во светот на модерниот ракомет.
„Штета што не ја искористивме оваа голема шанса да ја победиме можеби најдобрата и најуспешната репрезентација во последната деценија во светот на ракометот. Од една страна жалиме што не ја искористивме шансата, од друга страна задоволни сме што пруживме добра партија и ја подигнавме нашата самодоверба. Драго ми е и што публиката на крај си замина задоволна. Ни даде еден огромен аплауз за она што го направивме на овој натпревар. Не дека нешто ќе ни значеше овој бод против Франција доколку го освоевме, бидејќи ние секако ќе треба да славиме победа против Чешка на домашен терен, меѓутоа, ќе останеше запишано во историјата дека против таква репрезентација како Франција ќе освоевме бод или два" истакна по мечот Лазаров. В недела во Тулуз, тој и соиграчите по трет пат во една година ќе играат против моќната Франција, предводена од Никола Карабатиќ.




