hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Македонија го „испоти џинот„ тесна победа на Франција во Скопје

11180115 10206622389981046 149577676 n

Квалификации за ЕП - Полска 2016 година
Македонија - Франција 25:27 (13:15)

Втор пат по ред актуелен светски првак гостува во Скопје во официјален натпревар. По Шпанија на Валеро Ривера, моќните „галски петли„ на Онеста допатуваа во нашата земја без ветеранот Жером Фернандез и младиот Ниокас, кои се повредени. Но многу поголеми грижи имаше Обрван, кој не можеше да смета на Н. Маркоски,Вугринец и Митревски од мундијалскиот избор. Мишел Гигу од првата контра го отвори резултатот во полза на гостите. Од третиот наш напад, Ацо Јоноски низ транзиција го совлада Омејер за 1:1. Реакцијата на светскиот првак беа нов гол на Гигу, голови од контра на Лука Карабатиќ и Сорондо за 1:4 во 6 минута.

Капитенот Лазаров од седум метри реализираше два пати за 3:5 на почетокот од 9 минута, по исклучувањето на Никола Карабатиќ. Позитивниот момент нашите го одбележаа со голот на Дејан Манасков на додавање на К. Лазаров за максимално наше користење за бројчената предност на теренот. Филип Миркуловски низ зоната на „триколорите„ ја комплетираше нашата серија од 4:1 и израмни на 5:5. Противникот беше во шок, а Стоилов од одпадок го донесе нашето прво водство во мечот во 13 минута (6:5). Брзо реагираа фаворитите и Сорондо и Бараше го свртија резултатот (7:8). Но и нашите момци имаа карактер и во половина минута Кирил Лазаров и Гоце Георгиевски ја „фатија на спиење„ француската одбрана за 9:8 во 18 минута. Ангелов застана на нашиот гол и ги одбрани зицерите на Абало и Сорондо, за брз и лесен гол на Гоце Георгиевски (10:9). Ветеранот Гигу го врати „ударот„ и со гол од седум метри и од контра го принуди Обрван на тајм-аут (10:11). По одморот, капитенот Лазаров распали за 11:11, но Лука Карабатиќ на непоставена наша одбрана го врати француското водство. Заради погрешна замена, Миркуловски бешем исклучен во 26 минута, а Ксавиер Бараше веднаш погоди за 12:14. Се разбрани Тјери Омејер, Карабатиќ лесно ја проби нашата одбрана и во 28 минута, за прв пат Франција поведе со +3.

Серијата на момците на Онеста ја прекина Манасков со гол од контра, лансирана од Ангелов за 13:15 и тајм-аут за гостите. Првиот дел заврши со одбраната на Ангелов по ударот на Валентин Порт и многу солидното прво полувреме нашите момци го завршија со доцнење од само 2 гола зад светските прваци. Вториот дел започна со гол на Стоилов од линијата од шест местри. Ведн потоа Ангелов му одбрани седмерец на Жоли, но овој го искористи одпадокот за гол за 14:16. Во 35 минута при судир со колената со Јоноски, се повреди Вилијам Акамбре и беше повлечен од игра. Лук Абало од контра по втор пат во мечот им донесе +3 на гостите (15:18). Се почувствува дека тоа се моменти кога се „крши„ резултатот и Сорондо од позиција на кружен напаѓач погоди за 15:19. Дејан Манасков на додавање на капитенот го прекина нашиот пост и проблемите во нападот. Нгесан со два гола го покри отсустсвото на Акамбре и Франција ги врати најубедливите +4. Цврстата француска одбрана и Омејер го „амортизираа„ нашиот напад и кога Порт погоди за 17:22, Обрван побара тајм-аут. Врската Лазаров - Стоилов ја покажа македонската реакција, а Лазаров со седмиот свој гол ја спушти разликата на -3. Во комплетна еуфорија, бодрена од домашната публика, Македонија преку Филип Миркуловски комплетно се доближи (20:22). Манасков „украде„ од Абало и точно на средина од второто полувреме, резултатот гласеше 21:23. Тјери Омејер му одбрани „зицер„ на Миркуловски, а Гигу со шестиот свој гол го врати спокојот кај „галските петли„. Манасков и Георгиевски искомбинираа симултанка и гол од никаде за 22:24. Онеста побара тајм-аут при 23:26 на 10 минути до крајот. Лазаров и Стоилов пак ја надмудрија француската одбрана за гол за 24:26 во 54 минута. Лазаров по тајм-аутот на Обрван погоди за 25:26 и драма на 3 минути до крајот. Миркуловски прокоцка напад за реми и направи пробивање на 90 секунди до крајот. Џокеот на Онеста, Мае погоди под закана од пасивен напад за финални 25:27 и победа со многу пот на Франција во Скопје. Македонија покажа дека може да игра со најмоќната ракометна сила на денешеницата и тоа треба да радува пред крајот на квалификациите. Во македонската репрезентација, Кирил Лазаров постигна 8 гола, а по 4 постигнаа Манасков и Стоилов. Голманот Петар Ангелов собра 9 интеренции. Кај Франција се истакна Омејер со 10 одбрани, а Гигу со 6 гола беше најприсебен со 6 гола, а изненадување беше Нгесен, кој постигна 5 гола. Четвртиот меч во квалификациите Македонија и Франција го играат меѓусебно во Тулуз в недела од 17:05 часот.

Share