ВИДЕО: Ристовски: „Ова е одличен тест и да загубиме од Франција не е срамота„

Утре најдобрата Македонска репрезентација игра со светскиот, олимписки и европски првак, Франција. На денешната средба со новинарите во СЦ „ Борис Трајковски„ нашите репрезентативци и селекторот беа преполни со комплименти за противникот.
„Сите знаеме со каков квалитет располагаат Французите. Сепак, играме пред наша публика, без притисок и ќе дадеме добра партија, ќе сториме се за да стигнеме до позитивен резултат, но и доколку тоа не се случи нема да биде трагично. Она вистинското во овие квалификации доаѓа во јуни, кога ќе се играат клучните средби за пласман на ЕП„ изјави ракометарот на Хановер, Филип Миркуловски.
Еден од двајцата наши репрезентативци кои играат во француската лига, Борко Ристовски, смета дека Македонија никогаш не играла со посилен противник:
„Ни доаѓа најдобрата репрезентација во последните десет години, па овие средби треба да се искористат максимално позитивно, за да се подготвиме за клучните натпревари во јуни. Ова треба да биде одлична тест за да воиграме некои комбинации, но и селекторот да проба, па и го загубиме мечот не е ништо срамота, туку сме направиле чекор напре„ изјави Ристовски.
Селекторот Обрван говореше и за проблемите со повредите на одредени ракометари:
„ Некои од играчите играа викендов, имаа и напорни патувања, така што синоќа одржавме лесен тренинг, гледавме видео и анализиравме. Тренингот не помина како што посакувавме затоа што Велко Маркоски пријави повреда на ахиловата тетива и не можеше да тренира како што треба, а проблеми има и Наумче Мојсоски со рамото на шутерската рака. Тие тренираа одвоено, но се надевам ќе стиснат заби и ќе можат да играат против Франција. Денес продолжуваме со исто темпо„ изјави Обрван на прес-конференцијата.
Од РФМ напоменуваат дека сеуште има достапни билети за мечот кој се игра утре од 20:15 часот во СЦ „Борис Трајковски„ во Скопје.




