Барса реализира 72% од ударите во ASOBAL лигата
Барселона во ASOBAL има неверојатна реализација од 72 % од упатените удари. Колкава е разликата во квалитетот меѓу Барселона и останатите екипи од најсилната шпанска лига се гледа и од фактот дека Барселона погодува во 72 % од ударите упатени кон голот на противниците.
Имено, ракометарите на Барселона во досегашниот тек на првенството упатија точно 1503 удари, од кои дури 1087 завршија во голот. Особено е страшна контрата на Каталонците, кои изведоа 227 контранапади и реализираа 205, или 90 %. Барселона реализира и 88 % од досудените седмерци (83/94), 64 % од ударите од 9 метри (451/704), како и 73 % од ударите од 6 метри (348/478). Кружните напаѓачи на Барселона имаат реализација од 79 % (153/194), крилата 76 % (346/453), додека бековите погодуваат во 69 % од обидите, 588/856.
Голманите на шпанскиот шампион одбранија 40 % од ударите упатени кон голот на Барселона, 486/1209. Очекувано, најмал е процентот кај одбраните на седмерците, 28 % (25/88), а најголем кај одбраните на ударите од девет метри, 44 % (319/726). Поединечно, најдобра реализација имаат пивотменот Јаспер Нодесбо, 79 % (84/107), и бекот Сергеј Рутенка, 79 % (101/128), пред крилото Јоан Саубич, 78 % (67/86).
Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров има реализација од 68 %, 102/151. Од тројцата главни изведувачи на ударите од седум метри, Лазаров е неприкосновен, со реализација од 92 % (22/24), пред Рутенка, кој има 86 % (25/29) и Сигурдсон, со 85 % (17/20).
Од девет метри најпрецизен процентуално е Јоан Саубич, кој реализира со 81 % од ударите, а од шест метри најопасен е Јаспер Нодесбо, кој погодува со 81 % сигурност. Со таква екипа и со ваква реализација, Барселона не може, а да не биде шампион.




