Вујовиќ: „Не би бил јас, ако не верувам во подвиг во Барселона„

Нема причина за разочарување и тага во таборот на ППД Загреб по првиот домашен пораз оваа сезона. Сите во хрватскиот табор беа свесни со кого играат и какви им се шансите. Но тренерот Веселин Вујовиќ и натаму верува дека полуфиналето и Келн се достижни, иако за тоа ќе треба да ја победи Барселона во нејзиниот дом, а кој знае кому тоа последен пат му успеало.
"Игравме многу добар натпревар. Жал ми е за публиката и атмосферата, заради нив верувавме во подобар резултат. Јас не би бил јас ако не верувам во пласман во полуфиналето. Морам тоа да го кажам. Мислам дека можеме да ја победиме Барселона„ во свој стил изјави тренерот на ППД Загреб.
Најдобриот стрелец на средбата, Лука Степанчиќ го анализираше мечот: „Тренерот Вујовиќ победничкиот дух го всади во нас. Секако дека веруваме во подвиг. Криво ни е што не успеавме да победиме тука пред нашите навивачи во Загреб. Сакавме да им подариме барем реми, но зошто да не победиме во Барселона" заклучи леворакиот хрватски репрезентативец. Возвратниот меч се игра в сабота во „Палау Блауграна„. Доколку Барселона успее да го елиминира ППД Загреб, трет пат по ред ќе обезбеди пласман на Final four, каде секоја година е учесник од формирањето на овој завршен турнир, со исклучок на сезоната 2011/12.




