Моќно издание на Барса и најава за нов Final four

ППД Загреб - Барселона 23:25 (10:14)
Во фантастичен амбиент 12.000 гледачи се собраа во загребската „Арена„ за мечот кој претставуваше само прво полувреме од последната пречка пред завршницата во Келн. Хрватската публика не го заборави Кирил Лазаров и го награди со аплаузи пред почетокот на средбата.
По 4 минути дивовска борба, Јосип Валчиќ го отвори резултатот. Следеа наизменични голови и по нереализираниот седмерец на Рутенка, Лазаров погоди против својата бивша екипа за 3:3 во 9 минута. Нашиот капитен го совлада Ивиќ од седмерец во 12 минута за 5:5. Цврстата каталонска одбрана и лесните голови на Сигурдсон и Карабатиќ, го принудија Вујовиќ на тајм-аут при 5:7 во 16 минута. Ивиќ се разбрани и го одржа својот тим блиску до фаворитот, но при 6:10 по голот на Карабатиќ, сега Пасквал побара минута одмор. Степанчиќ и Мандалиниќ погодија преку зоната на гостинот и ППД Загреб намали на 8:11. Шариќ лесно ги бранеше принудните удари на домаќините, а Карабатиќ и Сигурдсон ја зголемија предноста до +5. Незадржливиот Карабатиќ го заврши првиот дел со четврт свој гол за 9:14, а потоа Степанчиќ погоди за 10:14 на 8 секунди до крајот на првиот дел.
Комотно полувреме во кое каталонците делуваа концентрирано и видливо беше дека имаат рецепт за младиот загребски тим. На почетокот од вториот дел Томас и Сармиенто го продолжија офанзивниот ритам на Барса за 12:17 во 36 минута. Хорват и Степанчиќ на кратко спуштија до -3 во 40 минута, но Лазаров од седум метри ја „олади„ загребската публика. По истиот ритам дојде средината на второто полувреме, а Степанчиќ и Хорват спуштија до 18:21. Но Карабатиќ уште еднаш потврди зошто е најдобар светски ракомет и со својот шести гол во последните 10 минути Барса ја внесе со 19:24. Како и Лазаров кај гостите, Хорват кај домаќините перфектно ги реализираше казнените удар за 21:24 на 5 минути до крајот. Мандалиниќ со третиот гол конечно Загреб го донесе на - 2.

Позитивниот момент хрватските ракометари го искористија и Брозовиќ на 90 секунди до крајот намали на 23:24. Шариќ со својата 13 одбрана по ударот на Обрановиќ го сопре израмнување на ППД Загреб, а Томас го реши прашање на победникот со гол на 20 секунди до крајот. Финални 23:25 и минимален триумф на фаворитот во „Арената„ во Загреб во одличен ракометен меч, во кој сепак разликата во квалитет беше видлива. Карабатиќ со 6 гола беше најдобар во гостинскиот тим, Лазаров постигна 5 гола, како и Томас. Кај ППД Загреб најпозитивен беше Лука Степанчиќ, кој постигна 9 гола, а капитенот Хорват даде 5 гола од исто толку обиди. Со одличен натпревар и поволен резултат, Барселона ја одработи првата половина од четвртфиналето и в сабота во „Палау Блауграна„ треба да го визира пасошот за својот трет последователен Final four. Во меѓувреме уште в сабота на гости кај Сегурос Замора може математички да ја прослави новата титула во ASOBAL лига.




