И без најголемите звезди, Барса со спектакл до нова победа
Хуеска - Барселона 22:43 (11:26)
Во мечот со кој се заокружи 23 коло од ASOBAL лигата, Барселона и без Арињо, Карабатиќ и Лазаров лесно ја совлада Хуеска на гости и направи уште еден чекор кон математичката потврда на титулата. Шампионите започнаа немилосрдно по голот на Адам Савиќ и поведоа со 1:5 со головите на Раул Ентрериос и Сигурдсон. Хуан Гонзалез Новел со два седмерци одговори, но тенденцијата беше дека гостите постигнуваат двојно повеќе голови од домаќините. Така Сорондо погоди за 4:8 во 10 минута.
Домашната клупа побара тајм-аут, но првакот беше немилосрден. Белорусинот Рутенка на половина од првиот дел се запиша меѓу стрелците за 5:13. Веќе во 18 минута предноста стана двоцифрена, кога Сигурдсон од контранапад пак го совлада немоќниот Савиќ. Исланѓанецот имаше своја вечер и веќе дојде до 4 гола во 20 минута, а Барса постигна исто голови, колку одиграни минути. До одморот и домаќините ја погодија мрежата на Шариќ, но главно „решетана„ беше домашната мрежа. Сармиенто погоди за 11:26 на одмор. Почетокот на вториот дел брзо донесе и гол број 30 за екипата на Пасквал. Пак погоди Гудјон Валур Сигурдсон, овој пат од позиција на десно крило за 13:30. Прашање беше колку голови ќе прими Хуеска и дали Барса ќе го загрози рекордот од претходното коло и мечот со Пуерто Сагунто. Јоан Саубич во 49 минута беше автор на 40 гол, овој пат по одличната асистенција на Гонзало. Со егзибиција и ангажман на сите ракометари, на крајот Барселона ја совлада Хуеска со 22:43 и скоро три шампионати нема пораз од домашен ривал. Во победничката екипа најефикасен беше Сигурдсон со 10 гола од исто толку обиди. 6 гола постигна Нодесбо, Сорондо беше автор на 4, а Даниел Шариќ во само едно полувреме собра 11 одбрани. Во тимот на Хуеска, Картон Љоренте постигна 5, а Марсело Фуентес 4 гола. Голманите Савиќ и Бермудез заедно имаа 13 интервенции. Барселона веќе почна да го подготвува четвртфиналето на Лигата на шампионите против ППД Загреб и сериозен тест ќе има в сабота, кога во „Палау Блауграна„ доаѓа Бенидорм, една од екипите која најмногу ја намачи оваа Барса во есенскиот дел од ASOBAL лигата.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




