„Барселона експрес„ мина низ Алборг
Алборг - Барселона 11:31 (5:16)
Кога разликата во квалитет е толку голема и фаворитот многу сериозно му пристапи на мечот како Барса во Алборг ова неделно попладне, тогаш се работи за голема ракометна лекција. Момците на Пасквал играа неверојатно цврсто во одбраната, не дозволуваа данците да постигнат ниту лесни, ниту тешки голови и брзо се одлепија до 0:6. Лазаров беше главна игла во перфектниот каталонски тим.
Тој погодуваше од секаде: од преку блокот, од седмерци, од контранапади. По 9 минути без постигнат гол, Алборг намали на 1:7 на крајот од првата третина од полувремето. Но водени од Карабатиќ и Лазаров, гостите во 22 минута дојдоа дури до двоцифрена предност и ја принудија данската клупа два пати да бара тајм-аут (4:14). Сармиенто со слалом низ одбраната на црвените, погоди за 5:15 во 27 минута. Перфектно прво полувреме со +11 за фаворитот, со Лазаров во вистински елемент и со 7 гола уште поубедливо прв на листата на стрелците (5:16). Вториот дел започна со гол на Сергеј Рутенка за највисоки +12. Еревик не можеше ништо да стори пред „бомбите„ на казнената експедиција од Барселона, а Ларсен и Тведтен единствени погодуваа за Алборг.
Но момците на Пасквал не го намалуваа ритамот и како да продолжија таму каде што застанаа во вторникот, кога му дадоа 51 гол во ASOBAL лигата на тимот на Пуерто Сагунто. Томас и Нодесб со нови лесни голови од полуконтри и контри, предноста ја покачија на +17. Младиот тренер Јеспер Јенсен повика нов тајм аут при 6:23 во 42 минута, се со цел да ги разбуди своите. Пасквал комплетно го изротира тимот, Гонзало застана на голот, Саубич, Арињо и Гурбиндо добија шанси и брзо постигнаа голови. Благодарение на Еревик, предноста сеуште не надмина +20, но веќе беше јасно дека Барса е во четвртфиналето и пред реваншот и дека во „Палау Блауграна„ наредната недела ќе биде само ракометна забава и спектакл за каталонците. По 9 одбрани на норвешкиот голман, тунижанецот Жалуз погоди за 9:29 во 53 минута. Со огромна леснотија Барса го победи Алборг со 11:31 и постави рекорди и лимити кои веројатно ќе бидат силна опомена за конкуренцијата во Лигата на шампионите. Целиот тим на Пасквал покажа сериозност и глад за победа и Лазаров и другарите веќе се четвртфиналисти. Нашиот репрезентативец постигна 8 гола, играјќи повеќе во првото полувреме. Тешко е некого да издвоиш од машината на Пасквал. Гостите имаа 10 стрелци, одбрана како „камен„ и растот на тимот од минатогодишното осминафинале е евидентен. Следува слободна недела до дуелот кој ќе му претходи на фудбалското „Ел Класико„ на 22 мај со Алборг, во кој Барса во амбиент на забава ќе го слави четвртфиналето.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




