hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Спектакл со 51 гол и нова лесна победа за Барса

puerto sagunto

Барселона - Пуерто Сагунто 51:29 (25:17)

И во 21 последователен натпревар од ASOBAL лигата, ракометарите на Барселона забележаа лесна победа и само прашање на време е кога ќе влезат во период кога секое коло ќе се очекува математичка потврда на титулата. Против Пуерто Сагунто, Лазаров и другарите преку Нодесбо и Сармиенто и голови по само неколку секунди од средбата, поведоа со 3:1. Бернатонис со два неодговорени гола возврати, но Никола Карабатиќ го постигна својот прв гол во 9 минута за 6:3. Играта преку кружниот напаѓач често беше мотив на момците на Пасквал, па Нодесбо постигна уште еден гол за 8:4. Со два гола од крилна позиција на Гудјон Валур Сигурдсон во 11 минута, Барса веќе имаше двојно повеќе голови од противникот (11:5).

Сладиќ по 4 минути без постигнат гол, реализираше за гостите кои многу тешко доаѓаа до удар кон голот на Шариќ. На половина полувреме со голот на Фернандез Санчез, Пуерто Сагунто намали на 14:9. Најчесто Нодесбо ја тресеше гостинската мрежа, а Казанова од спротивната пивотменска позиција погоди за 18:12. Само што влезе во игра, Јоан Саубич постигна два гола од контранапади за 21:14 на 6 минути до крајот на првиот дел. Сорондо и Лазаров на крајот од првиот дел погодија за 25:17 и убедлива предност на домашната екипа во меч со многу голови. На почетокот на вториот дел, Барселона направи серија од 3:0 со головите на Арињо и Сорондо на додавања на Лазаров (27:17). Полека се разигра и Раул Ентрериос, а Лазаров подели нови асистенции до Сорондо и Арињо и победникот беше решен при 31:18 во 36 минута. Дури и Виран Морос постигна гол од контранапад, а Кирил Лазаров реализираше за 35:21 во 42 минута. Бериос Мартос постигна два гола низ одбраната на фаворитот, но предноста никако не се спушташе под 12-13 гола. И тунижанецот Жалуз се запиша меѓу стрелците, а големите дупки во одбраната на шампионот му овозможија на двата кружни напаѓачи да постигнуваат лесни голови. Како Нодесбо, така и Сорондо ја решетаа гостинската мрежа.

Жалуз го постигна 40 гол, а Никола Карабатиќ со гол од место ја направи предноста најубедлива (42:25). Дебаклот беше сервиран и гостинската клупа побара тајм-аут во 54 минута при 45:27. До крајот само рутинска победа и рекорд на голови на првакот. 51:29 е конечниот резултат кој кажува каков ракомет се играше во „Палау Блауграна„. Овој офанзивен учинок е рекорд на голови на момците на Пасквал оваа сезона. Во екипата на Барселона, Нодесбо постигна 8 гола без промашување, Карабатиќ погоди 7 пати, Сорондо беше автор на 6 гола, а Шариќ одбрани 21 топка. Кирил Лазаров имаше 2 гола и 5 асистенции. Во тимот на Пуерто Сагунто по 5 гола постигнаа Маласинскас, Бериос Мартос, Хименез и Лопис. Добар тренинг за Барса пред првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите в недела во Данска против вицешампионот на оваа земја, Алборг.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

Share