hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Барса со нова победа, Лазаров стрелец на 7 гола

rutenka 5

Бешикташ - Барселона 25:29 (12:14)

Ракометарите на Барселона со 8 победи, 1 реми и 1 пораз, како победници ја завршија групната фаза на Лигата на шампионите и во вторник ќе го дознаат противникот во осминафиналето на Лигата на шампионите. Во Турција против Бешикташ и без четворица стандардни првотимци, кои Пасквал ги остави дома, Лазаров и другарите издвојуваа победа. Посебно мотивиран беше нашиот репрезентативец, кој во победата вгради 7 гола и ја зголеми својата предност на врвот на листата на стрелците.

Првиот дел беше изедначен и полн со инвидуални грешки. Голманот Гонзало одлично го отвори мечот и со 7 интервенции во првите 15 минути даде сигурност на екипата. Покрај Лазаров, мечот одлично го отвори и Сармиенто, а и Рутенка погодуваше за 7:9 во 18 минута. Најголемото водство во првиот дел го донесе Нодесбо во 24 минута, со гол за 8:11. Гостите одолеаа и на играта со двајца ракометари помалку по исклучувањата на Виран Морос и Ориел Реј. Доне беше најрасположениот во таборот на турскиот првак и на одмор Бешикташ замина со 12:14.

Во текот на целото второ полувреме предноста на шпанците се движеше меѓу 3 и 4 гола, а Лазаров и Сармиенто го зададоа завршниот удар со головите за 24:28. На крајот заслужени 25:29 за екипата на Хавиер Пасквал и победа за заокружување на оваа фаза од Лигата на шампионите. Во екипата на Барселона, Лазаров и Рутенка постигнаа по 7 гола, Сармиенто и Сигурдсон додадоа по 4, а добро издание имаа и двајцата голмани Гонзало и Шариќ. Кај поразениот Бешикташ блескаше Доне со 8 гола, Озбахар и Рашиќ беа стрелци на по 5 гола. Во вторник Барселона ќе го дознае својот противник за осминафиналето на Лигата на шампионите, кое ќе се игра во средината и на крајот на март.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

Share