18 победа во ASOBAL лигата за Барса и тоа без многу пот
Анхел Хименез - Барселона 19:39 (10:20)
По трите победи на почетокот на ракометната пролет, ракометарите на Барселона во првиот меч од 18 коло на ASOBAL лигата му гостуваа на Анхел Хименез. Никола Карабатиќ одлично го отвори натпреварот, а со лесни голови на капитенот Виктор Томас и на Гудјон Валур Сигурдсон во 8 минута Барса побегна на 2:5. Со истата инерција шампионот ја полнеше мрежата на Ондаро, а крилата непогрешливо ги користеа головите од транзиција (5:10).
Кога во 17 минута само што влегоа во игра Нодесбо и Гурбундо погодија за 5:12, домашната клупа побара тајм-аут. Тандемот Сигурдсон - Томас ја решеташе мрежата на Анхел Хименез и од крилна позиција и од контранапади. Во 23 минута двајцата имаа повеќе од половина голови на Барса која водеше со 6:17. Шариќ бранеше одлично и до одморот собра 12 интервенции. На спротивната страна цело полувреме голманите на Анхел Хименез не одбранија ни една топка и Сигурдсон со шестиот гол на одмор ја одведе екипата на Пасквал со огромни 10:20. Во 32 минута Кирил Лазаров со ефектен гол од 9 метри го постигна својот прв гол.
Васкез веднаш возврати со својот втор гол за 13:23 на почетокот на 34 минута. Сиера Фернандез во наредниот напад погоди и по подолго време домаќинот поврза два гола без да прими ниту еден. Рафаел Баена исто така имаше само моментални блесоци за домашната екипа, но играта ја диктираа гостите. Сите интерпретатори на системот на Пасквал, погодуваа и го доближуваа тимот од Каталонија до целта. Саубич и Сорондо во 42 минута реализираа за прв пат за 15:27. Рутенка се приклучи кон офанзивниот арсенал на Барселона и постигна гол за 17:33 во 48 минута. Лазаров својот трет гол го постигна за двојна дистанца од 18:36.
До крајот чиста рутина и бркање на рекорди за фаворитот. Саубич и Лазаров ги постигнаа последните голови за финални 19:39 и 18 победа од исто толку натпревари во ASOBAL лигата за Барса. Во победничката екипа крилата Томас и Сигурдсон постигнаа по 6 гола, 5 даде Саубич, а Кирил Лазаров беше автор на 4 гола. Даниел Шариќ на голот блескаше во првиот дел со 12 одбрани, а Гонзало собра 7 во продолжението. Баена Гонзалез и Сиера Фернандез со по 4 гола беа најпозитивни во тимот на Анхел Хименез. Звучи неверојатно, но голманите на домашната екипа имаа само една интервенција и тоа на Морон Кабезас во вториот дел. Екипата на Барселона февруари треба да го комплетира наредниот викенд во Истанбул против Бешикташ во 10 коло од Лигата на шампионите.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




