Барса лесно го „збриша„ Колдинг за прво место во групата
Барселона - Колдинг Копенхаген 33:27 (19:11)
По ремито минатата година во Данска, Барселона и Колдинг Копенхаген во „Палау Блауграна„ се бореа за првото место во групата и поповолна позиција пред осминафиналните мечеви. Лазаров го отвори резултатот, но брзо возврати Бо Спелерберг. Првите 10 минути беа целосно израмнети и се играше гол за гол. Лазаров погоди за 4:3, но веднаш реплицираше Ким Андерсон со идентичен гол за 4:4.
Дури во 12 минута брзата транзиција на фаворитот ги казни техничките грешки на данците. Раул Ентрериос и капитенот Томас, реализираа во мрежата на Каспер Хвидт за 7:4. Домашната екипа максимално го искористи исклучувањето на Јоргенсен и кога Сигурдсон погоди за +4, гостинскиот тренер исланѓанецот Кристјансен повика тајм-аут. Изостана реакцијата на скандинавците и Рутенка како втор пивотмен и Томас со својот трет гол од контранапад на половина од вториот дел ја направија пердноста двојно поголема (10:5). Шпанскиот првак лесно ја разбиваше данската одбрана и Лазаров на додавање на Карабатиќ погоди по трет пат за 11:7.
Но и првакот на Данска пронајде решение и со брза игра со головите на Ласе Боесен и Јенсен намали на 11:9 во 19 минута. Но на секое доближување, тимот на Пасквал имаше одговор и со играч повеќе Карабатиќ и Рутенка ги вратија најчестите +4. Играта на Колдинг Копенхаген стана груба и Виудес беше третиот гостински ракометар со исклучување. Ветеранот Ласе Боесен беше единствениот кој има парираше на каталонците. Рутенка реализираше два седмерци за највисоки 17:11 во 27 минута. Победникот како да беше одлучен кога во последната минута од првиот дел крилата Сигурдсон и Томас погодија за недостижни 19:11.
На почетокот на вториот дел Сармиенто зголеми на највисоки +9 за Барселона. Гонзало на голот на домашната екипа немаше ниту потреба премногу да брани, но беше поуспешен од Хвидт на спротивната страна. На рутински начин Барселона ги одржа најчестите 9-10 разлика, а Никола Карабатиќ делуваше лидерски во својот тим. Натпреварот стана надигрување без концентрирани одбрани и се постигнуваа голем број на голови. Ветеранот Спелерберг со три неодговорени гола ја намали дистанцата до 27:20 во 48 минута. Лазаров со ефектен гол од место ја прекина серијата на Колдинг за +8 за фаворитот.
Дури по двојното исклучување на Сорондо и Томас, гостите спуштија на 6 разлика на влезот во последните 10 минути. Разиграниот Спелерберг со фантастична асистенција го најде крилото Долк за 31:25 во 55 минута. Лазаров со својот петтиот гол ја заврши приказната за финални 33:27.
Полесно од предвиденото Барса го довлада Колдинг Копенхаген и во пресрет на последното коло го осигура првото место во групата, исто како и минатата година. Одличен беше Карабатиќ, Рутенка помогна со 6 гола, Лазаров додаде уште 5, а имаше и 4 асистенции, крилата пак фантастични. Данците играа многу лошо во одбраната, имаа само еден расположен ракометар - Бо Спелерберг и не можеа да го повторат есенскиот подвиг кога ремизираа на домашен терен.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




