11 гола предност пред реваншот и скоро сигурно полуфинале за Барса

Куп на шпанскиот Крал - Четвртфинале - прв меч
Барселона - Натурхаус Ла Роха 39:28 (20:13)
Само три дена по завршувањето на светското првенство во Катар, Барселона и Натурхаус Ла Роха, најдобрите две екипи од минатата сезона го одиграа првиот меч од четвртфиналето на Купот на шпанскиот Крал. Домашната екипа многу правилно му пристапи на мечот и веќе по првите два напади Рутенка и Гурбиндо му донесоа 2:0 на фаворитот. Реакцијата на гостите од Логроњо беа головите на кружниот напаѓач Ромеро и на бразилецот Тиагус Петрус за 3:3 во 5 минута. И покрај исклучувањето на Арињо, Барса со играч помалку се одлепи и со нови два гола на Рутенка и еден на Саубич, екипата на Пасквал дојде до +3 во 10 минута.
Белорусинот беше расположен и со нов гол низ гостинската одбрана и првенецот на Сармиенто од позиција на среден бек, Барса зголеми на 10:6 точно на половина од првиот дел. Само што влезе во игра, Кирил Лазаров го постигна својот прв гол за 12:7 во 18 минута. Гостите не играа лошо во нападот и нов гол на Тиагус Петрус и на Пабло Качеда Гонзалез намалија на 15:11. Во последните моменти од првиот дел се разиграа домашните крила, Сигурдсон и пред се Томас ја одведоа Барселона на полувреме со убава предност од 20:13.
Одлуката околу полуфиналистот веројатна падна на почетокот на вториот дел, кога домашната екипа одеднаш резултатски побегна на двоцифрена дистанца. Томас и Нодесбо по серијата на промашувања во 34 минута ја зголемија предноста на 22:14. И покрај добрите одбрани на Даниел Шариќ, гостите врзаа два неодговорени гола преку Хорхе Гомез Лите и Анхел Ромеро и намалија на 24:16. Во 40 минута капитенот Виктор Томас со својот трет гол ја донесе првата двоцифрена предност (28:18). Герпе во наредниот напад од голема дистанца го изненади Шариќ, а Лазаров со својот трет гол ги врати највисоките +10. Недостигаа головите на кружните напаѓачи и Нодесбо погоди по втор пат пред да му отстапи место на светскиот првак Сорондо. Точно на средина од вториот дел, нашиот Лазаров погоди по четврт пат за 32:22 и на Натурхаус Ла Роха му се закануваше катастрофа.
Рутенка се врати во игра во последните 12-13 минути и реализираше за 34:24 и по четврт пат беше повторена предноста од 10 гола. И тунижанецот Жалуз се запиша меѓу стрелците и на 5 минути до крајот Барса водеше со 37:27 и се ближеше до својот 40 гол во мечот. Натпреварот заврши со серија на грешки и финални 39:28 за Барселона, што многу веројатно значи полуфинале и пласман на Final four во Купот на Кралот. Возвратниот меч се игра во Логроњо на 1 април. Во екипата на Барселона скоро цел колектив функционираше како што треба. Вториот дел од сезоната е отворен и повеќе од добро. Рутенка со 9 гола беше најефикасен на средбата, 6 даде Нодесбо, по 5 Кирил Лазаров и капитенот Томас. Даниел Шариќ блескаше и на крајот собра 19 интервенции. Хименез Реина со 5 и Ромеро со 4 гола беа најефикасни во поразената екипата на Натурхаус Ла Роха. В сабота продолжува ASOBAL лигата и првакот гостува во Сарагоза кај екипата на Арагон.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




