hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Француската машина пресилна за променливата Македонија

mkfra3

Турнир во Нант (Франција) - Финале

Франција - Македонија 30:20 (18:8)

Во величествен амбиент во Нант, мечот меѓу Франција и Македонија почна со едноминутно молчење како последна почит за жртвите на терористичкиот акт во Париз пред неколку дена. Карабатиќ и Бараше, сегашниот и поранешниот соиграч на Лазаров, комбинираа за првиот гол на европскиот првак. Лазаров со „бомба„ возврати за 1:1 по 80 секунди. Капитенот и во вториот скок-шут го матира Омејер за првото наше водство (1:2).

Брзо возврати домаќинот и со два лесни гола низ транзиција на Карабатиќ и Порте, Франција поведе со 3:2. Нашиот напад затаи и во неполна минута браќата Карабатиќ погодија за 5:2 во 6 минута. Веќе беше вклучен алармот во нашата офанзивна игра и по лесниот гол од контра на Бараше во 8 минута, Обрван побара тајм-аут при 6:2 за фаворитот. Македонија близу 10 минути остана без постигнат гол и Сорондо ја комплетираше серијата од 7:0 на триколорите. Стојанче Стоилов во 13 минута го прекина нашиот пост и погоди од линијата од шест метри. На половина од првиот дел, Наумче Мојсоски убаво мина низ домашната одбрана и намали на 9:4. Веќе ни се закануваше дебакл, кога и добриот Ристовски не можеше да ги брани зицерите на Гигу и Жоли за 11:4.

mkfra2

Нашата клупа по втор пат побара минута одмор, кога Карабатиќ ги откри сите недостатоци во нашата одбрана и погоди по трет пат за 13:4 во 21 минута. Кирил Лазаров од седмерец го постигна својот трет гол, а петти за нашиот национален тим (13:5). По заслуга на Борко Ристовски и неговата интервенција, па асистенција, Дејан Манасков погоди од контра и втор пат Македонија врза два неодговорени гола (13:6). Георгиевски изнуди казнен удар и исклучување на Аниќ, а Лазаров намали на 13:7. Со своите беазбројни ресурси, Онрубиа и Порте го „вратија ударот„ и во 27 минута, пак домаќинот имаше највисоки +8. По две технички грешки на нашиот напад, Жоли постигна уште два гола за 17:8 на влезот во последната минута од првиот дел. Жоли со гол од седум метри го заврши првиот дел со огромни 18:8 за перфектната француска репрезентација. Вториот дел започна со голот на Карабатиќ и одговорот на Стоилов по убавото додавање на Фили Лазаров (19:9). Ангелов застана на нашиот гол, но Вилијам Акамбре соо два проектили ја продолжи француската беспрекорна реализација во нападот (21:10).

Низ два контранапади Златко Мојсоски ја погоди мрежата на Жерар. Јоноски заработи исклучување, но и со човек помалку, Филип Миркуловски погоди за 21:12. Златко Мојсоски изнуди седмерец и Лазаров погоди од седум метри во 42 минута за 24:13. Во првите 15 минути од вториот дел се играше нешто поизрамнето. Ангелов одбрани две топки, а Миркуловски со удар низ зоната намали на 25:14. Со својот шести гол Кирил Лазаров во 46 минута намали на 25:15. Врската од Барселона, Никола Карабатиќ - Даниел Сорондо со два слични гола ја остави предноста двоцифрена. Лазаров со гол од седмерец и убава асистенција за Никола Марковски, ја спушти предноста на Франција на 26:18. Одбраните станаа послаб дел од двете екипи и Кирил Лазаров со својот осми гол во 53 минута намали на 27:19. Одговорот на Онеста беше младиот Ниокас кој постигна два гола од позиција на десен бек. Ангелов одбрани два зицери и собра 6 одбрани, но Аниќ го совлада за да ја врати двоцифрената предност (29:19).

mkfra1

Со таа инерција мечот лесно беше приведен кон крај за финални 30:20. На убедлив начин со две победи, европскиот првак го освои турнирот во Нант, а Македонија го освои второто место со една победа и еден пораз. Кирил Лазаров со 8 гола беше најефикасен на средбата, а кај француските ракометари прво име беше Никола Карабатиќ со 4 гола и 5 асистенции. По 4 гола постигнаа и Сорондо и Порте. Aргентина го освои третото место на турнирот со победата над Алжир со 21:20 (15:7). Македонската селекција утре патува за Доха и ќе има пет дена аклиматизација пред дебитантскиот меч со Тунис на 16 јануари од 15 часот по македонско време.

Share