hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Лекција за афричкиот првак и финале против Франција

kire alzir 1

Турнир во Нант (Франција) - Полуфинале

Македонија - Алжир 32:20 (14:10)

Во убав амбиент во „XXL арената„ во Нант, Миркуловски мина низ срцето на одбраната на Алжир и го отвори резултатот. Цврсто почна нашата одбрана, а по голот на Манасков, од третиот напад, Билум го постигна првиот алжирски гол (2:1). Лазаров влезе во ритам и погоди од седмерец и му понуди зицер на Наумче Мојсоски за 4:1 во 7 минута.

Следеа две технички грешки на нашите ракометари и Бенали и Судани намалија на 5:3 во 10 минута. Но кога нашата одбрана беше на висината на задачата, следеа два лесни гола на Манасков за 7:3 во 13 минута. Ќе беше и уште поубедливо да не беше Слаџи, кој одбрани три последователни зицери, па Зегули побара тајм-аут при +4 за македонската репрезентација. Со двајца ракометари помалку алжирците преку Рахим намалуваат на 7:5 во 18 минута. Брзо возврати Кирил Лазаров со ефектен гол од 9 метри, па Ристевски „прочита„ зицер и Стоилов реализираше три пати од линијата за највисоки 11:6. Борко Ристовски беше се подобар, одбрани 8 топки во првото полувреме, а и Гоце Георгиевски успеа да погоди за 12:7 во 25 минута.

kire alzir 2

Лазаров со својот четврт гол во 28 минута по трет пат предноста ја искачи на 5 гола. Најдобриот стрелец на последниот афрички Куп, Буклиф за прв пат погоди за 13:9 на влезот во последната минута. Но цимерскиот тандем Борко Ристевски - Кирил Лазаров ја понесоа нашата селекција за 14:9. Кавеж на 5 секунди до одморот реализираше брза транзиција за 14:10 на полувреме. И вториот дел започна со одбранет зицер на голманот на Кретеј, Борко Ристовски, но Жахур со својот прв гол од крилна позиција намали на 14:11.

Нашиот селектор комплетно го измени нашиот тим и шанса добија скоро сите 18 ракометари. По серија на наши збркани напади, Вугринец од седмерец погоди за 17:13. Мечот стана збркан и со се повеќе исклучувања. На голот на Бенали, Миркуловски добро лобуваше, а Борко пак беше инспиративен и по 12 интервенција во 40 минута го отстапи своето место за Ангелов. Веднаш кавадарчанецот му одбрани седмерец на Бенали, а Стоилов со четвртиот гол ни ја донесе највисоката предност (20:14). Во 44 минута и Недановски реализираше контранапад со човек помалку за +7 и нов тајм-аут за тренерот на првакот на Африка. Кабеж по убава комбинација на зелено-белите го постигна својот трет гол и ја прекина серијата од 5:1 на македонската репрезентација.

kire alzir 3

Алжирците комплетно се растурија и Дејан Манасков ефектно погоди за својот четврт гол и 23:15 во 48 минута. Меѓу стрелците брзо се запиша и Златко Мојсоски за високи +9 и разрешени дилеми околу победникот. Нашата игра стана веќе лекција против противникот кој повеќе не наликуваше на првак на Африка. И Велко Марковски погоди со гол од контранапад за 25:15 на 10 минути до крајот. Дејан Манасков со нови голови од контранапад, изби на првото место на листата на стрелците за 28:16. Лазаров се врати во игра да изведе седмерец и со шестиот гол на 5 минути до крајот ја потврди нашата двоцифрена победа. Златко Мојсоски и Филип Лазаров ја пробија границата од 30 гола во 58 минута. На крајот финални 32:20 и самодоверба пред првиот наш меч во историјата со актуелниот европски првак. Во нашата селекција скоро се функционираше како што треба. Кирил Лазаров и Дејан Манасков со по 6 гола беа најефикасни во победничката репрезентација. Во првиот меч на турнирот, очекувана победа на домаќинот Франција против Аргентина со 33:19 (14:10). Така утре од 18 часот во финалето, Франција и Македонија ќе играат за титулата на трофејот во Нант.

Share