Нов рекорд на голови и есенска титула без пораз за Барса
Адемар Леон - Барселона 37:43 (18:22)
Максималниот учинок оваа есен во ASOBAL лигата, ракометарите на Барселона го заокружија на гостувањето кај Адемар Леон во северна Шпанија. Овој меч беше и македонски дуел на Димитриевски и Лазаров еден против друг. Домаќините одлично го почнаа мечот и во првите 10 минути диктираа минимално водство. Со головите на Агирезабалага и Леонардо де Алмеида, домашната екипа поведе со 5:3 во 8 минута. Сигурдсон и Раул Ентрериос возвратија за 5:5, само една минута подоцна.
Голманите не можеа ништо да одбранат на двете страни, а Карабатиќ и Гурбиндо не дозволија домашната екипа да се одлепи и по 13 минути резултатот беше 9:9. Две минути подоцна по контранапад, Едуардо Гурбиндо за прв пат ги доведе гостите од Каталонија во водство. Точно на половина од првиот дел со нов гол на французинот Карабатиќ од линијата од шест метри, Барса зголеми на 10:12. Во 19 минута за прв пат Барселона отиде на +3, благодарение на првата одбрана на Шариќ и реализацијата по исклучувањето на Димитриевски. Франциско да Силва на кратко го пресече ритамот на шампионот, но Сигурдсон со влез на втор пивотмен годи за 13:16 во 22 минута.
И Рутенка влезе меѓу стрелците со типичен гол за неговиот стил за највисоки 14:18, на 6 минути до одморот. Томас Кристенсен со својот трет гол спушти на -3, но од првиот свој обид веднаш погоди и Кирил Лазаров (15:19). Рутенка реализираше седмерец за 20 гол на гостинската екипа, во меч во кој мина цело едно полувреме без ниту една интервенција на домашните голмани. Сармиенто со гол од транзиција за прв пат донесе 5 гола предност во 28 минута. На влезот во последната минута Лазаров го постигна својот втор гол, а Кристенсен единствен го одржуваше својот тим во игра и на одмор Адемар Леон отиде со заостанување од 4 гола (18:22).
На почетокот на вториот дел Кристенсен единствен парираше против се подобриот тим на Пасквал. Карабатиќ и Сигурдсон скоро без промашување го одржуваа спокојното водство од 3,4 гола за Барселона (22:26). Франциско да Силва од позиција на кружен напаѓач реализираше гол за Адемар Леон за 24:28 во 37 минута. Гутиерез и Предраг Вејин со два неодговорени гола го доближија Адемар Леон до 28:30 и носени од домашната публика, домашните ракометари се понадеваа на подвиг. Брзо реагираше првакот и со голови на своите најдобри стрелци Карабатиќ и Лазаров се врати на најчестите +4. Дарко Димитриевски на половина од вториот дел го постигна својот прв гол за 30:34, но расположениот Карабатиќ на мајсторски начин и Сигурдсон од контра погодија за највисоки 30:36 и полека се „кршеше„ отпорот на Адемар Леон.
Саубич добро ги искористи своите минути на теренот и погоди за 32:38 во 49 минута. Ролдан и Вејин со два ефектни гола разбудија надеж меѓу исполнетото гледалиште во Леон и во 52 минута Адемар Леон намали на 35:39. Возврати Раул Ентрериос со гол од позиција на среден бек и на уште еден меч Барса дојде до 40 постигнати гола. Со уште два гола на исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон гостите го решија прашањето на победникот и поведоа со 36:43 во 57 минута од мечот. По серија на грешки во последните 2 и пол минути ниту една од двете екипи не постигна гол и со 37:43 Барселона прокнижи нови бодови и ја осигура есенската титула без пораз. Во победничката екипа најефикасни беа Сигурдсон со 9 и Карабатиќ, Сармиенто и Ентрериос со по 6 гола. Лазаров постигна 3 гола , а Шариќ собра 5 и Гонзало 9 интервенции. Кај Адемар Леон се издвои Вејин со 9 гола, а Гутиерез постигна 7. Нашиот Дарко Димитриевски реализираше 1 гол. Со оваа победа Барселона е на половина пат до нова ASOBAL титула. Наредниот викенд во Леон исто така се игра завршницата на ASOBAL купот, во кој титулата ја брани токму Барселона.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




