Прв пораз на Барса, не помогнаа ни головите на Лазаров и Рутенка
ОРЛЕН Висла Плок - Барселона 34:31 (17:15)
Перфектната ракометна есен Барселона требаше да ја заокружи со тешкото гостување кај полскиот вицешампион Висла Плок. Но плановите на момците на Пасквал ги поремети Маноло Каденас и неговите ракометари кои направија подвиг каков што никој не направи во претходните 31 меч од официјален карактер оваа сезона. Предводени од Зеленовиќ и неговите голови со левата рака, полскиот тим поведе со 4:1 во 3 и 9:5 во 10 минута. Одбраната на Висла делуваше многу постабилно од каталонската, па неминовно беше гостите постојано да го бркаат водството на Висла.
Немаше реакција на Барселона, па со нова мини-серија Висла го принуди Пасквал на тајм-аут на половина од првиот дел при 11:5. Вихари ја подигаше домашната публика и најдобрите шутери на Барселона имаа проблеми против него. Лазаров погоди и од игра и од седмерец, а Рутенка делуваше подобро одколку на претходните средби. Сипрзак со два последователни гола ја подигна домашната публика која ја имаше преку 5.400 во Плок. Само добриот финиш и головите на Сигурдсон и Рутенка доведоа Барса да ублажи на 17:15 на полувреме.
На почетокот на вториот дел Лазаров го искористи исклучувањето на неговиот бивш соиграч Јуркиевич, да израмни на 17:17. Но веднаш потоа исклучување заработи Карабатиќ, па Никчевиќ и Тиаго Роча ја вратија надмоќта на полските ракометари (22:18). Таа дистанца од 3-4 гола во полза на момците на Каденас донесе неспокој кај Барселона во последните 10 минути. Потоа нервозата доведе дури и до +6 и можност Висла да го приведе мечот кон крај. Рутенка со два последователни гола се обиде да ја врати неизвесноста во мечот, но веќе беше предоцна.
При 33:31, судиите досудија контра-фаул од Сорондо и „падна во вода„ последната опција за враќање на Барса во мечот. Кај Висла најефикасен беше Зеленовиќ со 7 гола, 6 постигна Јуркиевич, а 5 додаде Тиаго Роча. Кај Барселона се истакна Сергеј Рутенка постигнувајќи 9 гола, а со 7 гола Лазаров сега има 64 на 8 меча во Лигата на шампионите и скоро сигурно ќе презими на првото место на листата на стрелците во Лигата на шампионите. Првото место во групата ќе биде одлучено во последните две кола на пролет, а скоро сигурно одлучувачки ќе биде домашниот меч со Колдинг. Веќе вторник во каталонското дерби со Грањолерс, Барселона ќе има можност да се поправи и да им се врати на победите.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




