Зошто Лазаров е најдобар десен бек за 2014 година?

Вчера македонскиот интернационалец Кирил Лазаров го понесе признанието најдобар десен бек во светот за годината која изминува спорт специјализираниот портал „Handball-planet„
Оваа 2014 година Лазаров ја почна со одличното европско првенство во Данска, каде со 38 гола ја одведе Македонија во вториот круг. Посебно за издвојување се неговите партии против Чешка (12 гола) и Австрија (8 гола).
За прв пат ја освои ASOBAL лигата, што за него е четврто национално првенство во кариерата, а овој пат тоа го направи со стил и без ниту еден пораз. Лазаров беше прв клубски стрелец во шампионатот, а го освои и Купот на шпанскиот Крал со победата против Грањолерс.
Лазаров беше автор на 80 гола во Лигата на шампионите, каде Барса заврши како третопласирана по поразот во полуфиналето од Фленсбург.
Но два месеци подоцна, во катарската Доха, Барселона го освои IHF Суперглоб со победата во финалето против Ал Саад. Лазаров постигна 23 гола на овој турнир.
За краток временски период, каталонците со Лазаров во главна улога го освоија и ASOBAL Суперкупот, како и Каталонскиот Суперкуп.
Во репрезентацијата придонесот на Лазаров во два одлични резултати на Македонија е немерлив. Најнапред во баражот против Грција, капитенот постигна 17 гола на двата меча. Подоцна во првите два меча од квалификациите за ЕП во Полска 2016 година против Швајцарија и Чешка беше автор на 23 гола.
Во меѓувреме Барса руши рекорди и ќе биде есенски првак во ASOBAL лигата, а во Лигата на шампионите нема пораз и Лазаров е прв стрелец по есенските натпревари по групи (57 гола).
За уште еден трофеј за крај на годината, Лазаров ќе го причека завршниот турнир на ASOBAL Купот на 20 и 21 декември во Леон.




