Борко и Кире не извлекоа од „амбисот„ во Злин

Квалификации за ЕУРО 2016
Чешка - Македонија 27:27 (18:11)
Голем бод за македонската ракометна репрезентација на гостувањето во Злин кај Чешка, во тензичен и меч со многу пресврти. Некој да предвидуваше дека со 10 гола на Лазаров и 24 одбрани на Ристовски ќе се бориме за реми, немаше да му поверуваме. Но мечот во малата арена во Злин како да беше поделен во три дела. Момците на Обрван почнаа концентрирано и одлично во одбраната. Борко собра 8 интервенции во првите 7 минути и фрли две милиметарски прецизни контри за Манасков и Лазаров за 2:5 во 7 минута.
Психолошки одлично го отворивме мечот и нашата игра во двата правци изгледаше ветувачки. Но една по една, нашите технички грешки растеа и до полувреме со 8 неизнудени грешки на нашиот тим, наспроти само 1 на чесите, резултатот дијаметрално се смени. Милан Котрц и Петр Линарт поврзаа серија од 5:0 и со помош на техничките грешки на Мојсоски и Манасков, нашиот противник поведе со 8:6 во 16 минута, за тајм-аут на Обрван. Се разбрани чешкиот голман Мартин Галиа и во втората половина од првиот дел, доминираше нашиот противник. Играта на црвените стана поразновидна, погодуваа крилата Хрстка и Јурка, а и младиот Касал погоди за 12:8 во 21 минута и нова минута одмор. Ротацијата на нашата клупа, влегувањата на Ојлески и Вугринец донесе само моментално подобрување, но евидентно беше дека до одмор не може да ни помогне ни Борко Ристовски.
На нашиот гол застана Митревски и по првата одбранета топка, како на стрелиште беше совладан неколку пати во серија. Ханиш им се приклучи на Котрц и Линарт и на полувреме, чесите со спорниот гол на Јурка на 4 секунди до крајот, заминаа со 18:11. Голем психолошки удар за селекцијата која поведе со 2:5 и ги имаше Борко и Кире како што посакувавме. Вториот дел почна со нов гол на Линарт за +8 и мирисаше на катастрофа.
Но капитенот Лазаров ја превзеде одговорноста и со две „бомби„ од 10 метри, ни ја врати самодовербата (19:13). За наше враќање во мечот ни требаше најдобриот Борко Ристовски. Нашиот „министер за одбрана„ се разгоропади и ги „откажа„ чесите од мечот. Им бранеше зицери, од крилна позиција, дури и седмерец на Котрц. Гоце Георгиевски од контранапад погоди за 20:16 во 39 минута и полека се разбуди надежта меѓу црвено-жолтите. Филип Миркуловски со два влеза низ одбраната ја „стопи„ предноста на домашната репрезентација и на половина од вториот дел резултатот изгледаше поубаво на семафорот (23:20). Борко Ристовски со нова серија од одбрани ни понуди шанса за ново доближување. Лазаров со седмиот гол намали на 24:22, а преостанаа уште 12 минути. Капитенот со нова акција по која со скок-шут го совлада Галиа во 52 минута, изедначи на 23:23.
Во завршницата домашниот стручен штаб Кубеш - Филип го внесе Штокл на голот и ветеранот имаше свои звездени моменти. Успеа да му одбрани седмерец на Лазаров и да го остави мечот во егал. По промашувањата во првиот дел, Мојсоски со два гола во негов стил низ одбраната на Чешка, погоди за 25:25. На голот на Линарт, одговори Лазаров со ефектен седмерец. Кога Ханиш погоди на 90 секунди до крајот, а на Манасков му се излизга топката, се чинеше дека натпреварот е загубен. Но Борко Ристовски на својот 32 роденден, одбрани уште една топка и лансираше контранапад, по кој пак Дејан Манасков решаваше со последниот шут и успеа да погоди за 27:27.
Преостанаа уште 20 секунди, од кои последните 4 со човек помалку заради исклучувањето на Миркуловски и моравме пак да се потпреме на Ристовски. Со звукот на сирената биеше Томаш Бабак, а Ристовски успеа со својата 24 одбрана да го круниса перфектниот свој меч и да ни донесе бод. Македонија за прв пат не е поразена на чешко тло и овој бод може да биде многу значаен во понатамошниот тек на групата. Во домашната селекција по 7 гола постигнаа Котрц и Линарт, а Галиа одбрани 11 топки. Кај нашата репрезентација Борко Ристовски собра 23 одбрани, Кирил Лазаров беше автор на 10 гола, а Филип Миркуловски постигна 5 гола. Со ова реми завршуваат овие квалификации за 2014 година, а со двомечот со Франција во април истите ќе продолжат и во 2015 година. Позитивни вибрации носат нашите ракометни асови од Злин и од вториот квалификационен натпревар.
Во вториот меч од нашата група Франција ја совлада Швајцарија со 24:33 и изби на првото место во нашата група.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




