Барса испушти победа, Долк му донесе реми на данците

Колдинг Копенхаген - Барселона 27:27 (14:16)
Ракометарите на Барселона испуштија сигурна победа на гостувањето кај Колдинг Копенхаген и за прв пат оваа сезона ремизираа. Во меч во кој водеа скоро во сите 60 минути, кобни беа последните две минути и грешките кои го вратија данскиот првак во игра. Без разлика што Барса ја задржа непобедливоста и остана на првото место во групата, пропуштена е можноста да се продолжи максималниот ефект, по меч во кој на моменти Лазаров и соиграчите имаа и 3,4 гола предност. Данскиот тим полн со одлични ветерани како Хвидт, Спелерберг, Јоргенсен од оваа сезона посилен и за повратникот Ким Андерсон, до последен момент веруваше во подвиг и успеа да стигне до реми, благодарение на серијата од 3:1 во последните две минути од мечот.
Домаќините почнаа подобро и благодарение на Спелерберг поведоа со 5:3. Но реагираа шпанските шампиони и Ентрериос и Карабатиќ со серија од 3:0, за прв пат ја доведоа Барселона во водство во 12 минута (5:6). Французинот го диктираше ритамот за гостите кои полека ја стандардизираа предноста од 2-3 гола до одморот. Така во 21 минута при 13:10 за Барселона, домашниот стручен штаб го замени Хвид со помладиот Клеверли. И при 11:15 кога се чинеше дека фаворитот ќе побегне, бившиот голман на Хамбург, успеа да му одбрани неколку зицери на Сигурдсон и со головите на Ким Андерсон, на одмор се замина со 14:16. Своите минути максимално ги користеше Кирил Лазаров, кој и како стрелец и како асистент, се вклопи во рутинското водство на момците на Пасквал. Покрај нашиот ас и двете брзи крила на Барселона имаа добар учинок на неколку полуконтри и се до 39 минута предноста на Барса сеуште беше актуелна. Тогас Карлсон и Спелерберг погодија низ одбраната на каталонците за 16:17.
Цврстата 6-0 одбрана на Барселона често изнудуваше технички грешки и лесни голови. Така Виран Морос во 50 минута се чинеше дека го зададе завршниот удар, кога гостите поведоа со 20:24. Благодарение на одбраните на Клеверли и играта со два кружни напаѓачи, данците направија серија 3:0 (два гола на Спелерберг) и последните 5 минути беа повеќе од драматични. Кога Лазаров од огромна дистанца погоди за 25:27, се чинеше дека победникот е решен. Но Колдинг брзо возврати преку Карлсон, а Карабатиќ им „подаде рака„ на домаќините и по неговата грешка, данците имаа неполна половина минута за израмнување.
Плус и Ентретриос беше исклучен и Долк на 9 секунди до крајот израмни на 27:27. Лазаров се обиде од невозможен агол и неуспеа да му донесе победа на ракометарите на Барселона. Во гостинскиот табор, Никола Карабатиќ постигна 6, а Кирил Лазаров 5 гола. Кај Колдинг Копенхаген најефикасен беше Бо Спелерберг со 7 гола, а Долк постигна 5 погодоци. Реми кое ги налути „гладните„ за победа звезди на Барселона, но не смени многу работи на врвот на табелата во групата. Следува пауза во Лигата на шампионите до средината на ноември, кога Барса треба да го верификува првото место во групата.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




