Томас и Сигурдсон ја наполнија мрежата на Хелветиа

Хелветиа Анаитасума - Барселона 30:43 (19:21)
Првото гостување во ASOBAL лигата шампионот Барселона го имаше кај Хелветиа Анаитасума. Домаќините добро почнаа и со два гола на Ечевесте поведоа со 4:2. Но во 90,100 секунди првакот возврати и преку Томас и Сигурдсон поведе со 4:5. Да Силва со левата рака преку блокот во 9 минута погоди за 5:5. Сорондо од одпадок во 12 минута го врати водството на гостите. Гонзало се разбрани на голот и од минута во минута Барса со лесни голови доаѓаше во поголема предност. Кога Томас погоди за 6:9, домашната клупа побара тајм-аут во 13 минута.
Веднаш Да Силва со својот втор гол ја прекина серијата на Барса, но каталонците одпочнаа нова со голот на Раул Ентрериос низ транзиција. Но доволни беа две технички грешки на фаворитот и Гастон Фернандез од контранапад намали на 10:11. Но секој обид на домаќините да се доближат, Барса го казнуваше со изработени голови на Томас и Гурбиндо за 10:13. Пасквал побара тајм-аут и Карабатиќ реагираше со брз гол во 21 минута за 12:15. Ечевесте со нов гол низ одбранбената зона на Барса, намали на 14:15. Барса делуваше моќно и со многу опции во нападот, но одбраната беше далеку од најдоброто издание. Гудјон Валур Сигурдсон на ефектен начин ја прекина серијата на Хелветиа Анаитасума и зголеми на 16:18. Гонзало одбрани седмерец, а тоа го искористи Томас со нов гол за 16:19. Само Костоја Родригез ја прекина серијата на неверојатните крила на Барселона кои погодуваа без грешка во првиот дел (17:21). Со звукот на сирената Карлос Чокаро од седум метри реализираше за минимални 19:21 на полувреме.
Токму со головите на подвижниот Чокаро, Хелветиа Анаитасума се доближи до 21:22, во 34 минута. Но Сигурдсон се што ќе упатеше кон домашниот гол завршуваше во мрежата. Така со уште два негови гола, Барса отиде на +4 во 36 минута. Цели 12 минути на почетокот на вториот дел за гостите погодуваа само Томас и Сигурдсон и главно со лесни голови од полуконтранапади и контранапади.
И Лазаров се приклучи кон офанзивното шоу на Барселона и отпорот на Хелветиа Анаитасума беше скршен (24:32). Само Да Силва со два гола од дистанца одржуваше разликата да не отиде преку 10 гола. Лазаров со својот втор гол, овој пат ефектно од 9 метри, во 50 минута зголеми на 28:36. Последните 10 минути беа формално приведување кон крај на средбата од страна на фаворитот. Лазаров постигна уште два гола, па Карабатиќ беше незадржлив, а за домаќините два гола постигна Ескер Пларт. Во меч со многу подобри напади од одбрани, Барселона славеше со 30:43 на гостување каде многу други ASOBAL лигаши ќе ги остават бодовите. Во победничката екипа дури 21 одбрана на се подобриот Гонзало и симултанка на двете крила Томас со 10 и Сигурдсон со 9 гола. Лазаров беше стрелец на 4 гола, а Карабатиќ постигна 5. Кај Хелветиа Анаитасума 8 гола постигна Да Силва, а на голот Грегор Лоргер имаше 14 интервенции. Втора победа во шампионатот за Барселона, која во полна форма го чека стартот на Лигата на шампионите.




