Со лесна победа над австралијанците Барса обезбеди полуфинале

Сиднеј Университи - Барселона 18:34 (12:15)
Против мултикултуралниот аматерски состав на Сиднеј Университи, Барселона ја забележа втората победа во вториот натпревар од Б групата на IHF Суперглоб. Во Доха денес во еден од пораните термини, Лазаров и другарите ја остварија првата цел и се пласираа во полуфиналето на мундијалот за клубови. Против австралијанците, Барса играше со минимална цел да стигне до бодовите и да не се потроши многу енергијата.

Австралијанците поведоа со 4:1 со головите на Диего Љоренте и Франко Гавидија, а Барса преку Ентрериос и Сорондо сврте на 4:5 во 9 минута. Од тој момент првакот на Шпанија не ја испушти предноста и главно протагонисти беа ракометарите кои добиваа помала шанса против Ал Саад. Погодуваа Жалуз, Арињо и Саубич за 6:11 во 11 минута. Следеше нов позитивен бран на аутсајдерот и од дистанца погодија Александер Обард и Ренато Рио Тупан за 11:11 во 25 минута. И секогаш кога противникот ќе го достигне својот лимит, Барса додава во брзина погоре и резултатски се одлепува. Во пет минути до одморот, Лазаров од седмерец, Арињо и Жалуз погодија за 12:15 на крајот од првиот дел. На почетокот од второто полувреме, Кирил Лазаров погоди уште два седмерци за 14:18 во 35 минута.

Штом влегоа во игра и Никола Карабатиќ и Гудјон Валур Сигурдсон погодија од првите обиди и Барселона дојде до највисоки +7 во 39 минута. Долгата клупа на Пасквал диктираше стартерите на вообичаените средби да добијат шанса во вториот дел, па Рутенка и Томас со првите голови, за прв пат предноста ја направија двоцифрена (17:27). До Крајот мечот беше чиста рутина. Уште два гола од контра на Томас, еден на Лазаров и на Рутенка на 1 секунда до крајот за 34 гола, како и вчера со Ал Саад. Финални 18:34 за каталонците кои утре играат со туниската Есперанца исто така во 13 часот по европско време. Во победата на првакот на овој турнир од минатата година Лазаров, Саубич и Сигурдсон вградија по 5 гола, а Шариќ и Гонзало заедно имаа 16 интервенции. Кај Сиднеј Университи најефикасни беа Руи Тупан со 6 и Љоренте со 3 гола, а голманот Алкараз одбрани 9 топки.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




