Барса пак против Грањолерс, Лазаров брка 40 трофеј, 4 Суперкуп по ред

Утре попладне во Тарагона, Барселена ќе се обиде да го освои вториот трофеј на почетокот од новата сезона и пак на патот му стои каталонскиот комшија, Грањолерс. 39 издание на ASOBAL Суперкупот втора година по ред е дуел на двојниот шампион и финалистот на Купот на Кралот. Толку често во последно време се соочуваат овие две екипи во меч за трофеј, што од декември минатата година и ASOBAL Куп финалето, ова е четврти пат да играат меѓу себе, а целта да е трофеј.
Барса е голем фаворит, но Пасквал опоменува дека нема да биде така лесно и убедливо како во каталонскиот Суперкуп во Љобрегат. Во Тарагона владее голем интерес за почетокот на ракометната сезона, а нашиот интернационалец Кирил Лазаров има посебни мотиви за овој меч. Не само што игра во одлична форма, што најдобро се виде на мечот во Љобрегат и на пријателскиот меч во Тулуз, туку капитенот на нашата репрезентација брка серија на рекорди. Ако слави утре попладне тоа ќе биде јубилеен 40 трофеј во кариерата, а посебно успешен е во ASOBAL Купот, кој го освоија секоја година без исклучок откако дојде во Шпанија. Два пати славеше со Атлетико Мадрид победувајќи ја Барселона како шампион на Шпанија, а минатата година се радуваше и во блауграна дресот со победата против Натурхаус ла Роха.




