Атракција и лесна потврда за место во Катар

Македонија - Грција 35:23 (19:9)
Со втора победа во интервал од осум дена и тоа овој пат убедлива, македонската ракометна репрезентација го „визира„ пасошот за Катар каде од 15 јануари до 1 фебруари наредната година ќе се одржи следното светскот првенство за ракометари. Во СЦ „Борис Трајковски„ еден и пол час нашите ракометни љубители уживаа во мајсториите на најдоброто од ракометна Македонија.
Со одличен пристап во мечот македонската ракометна репрезентација многу брзо се одлепи и го реши прашањето на патникот на мундијалот во Катар. Лазаров и другарите полека го „газеа„ противникот и предноста од +7 полека најави дебакл за грците. Резултатската дистанца достигна највисоки 13:5 во 19 минута. Борко Ристовски се разбрани, нашата надворешна линија, посебно капитенот (6 гола во првите 20 минути) функционираше и почетниот план успеа. Кирил Лазаров со седмиот гол на 5 минути до одморот предноста ја искачи на 9 гола. Дури и Велко Марковски „полета„ во контранапад за потврда на предноста (17:8). Најмладиот во нашиот тим Филип Талевски го постигна својот првенец во сениорската репрезентација за 19:8, а Малиос со звукот на сирената погоди за 19:9 на крајот од првиот дел.

Перфектно функционираше црвено-жолтиот тим и прашање беше колку убедливо ќе ја „прескокнат„ последната пречка пред Катар. Вториот дел започна со голот на Дејан Манасков за највисоки 11 разлика за нашиот состав. Грците само од седум метри успеваа да го совладаат Ристевски, а нашиот стручен штаб ги менуваше комбинациите за да им даде шанса на сите ракометари. Лазаров реализираше седмерец со „сув лист„ за негов осми гол и 22:11. Митревски застана на голот, а момците на Георгијадис преку Сапунис и Маранго полека спуштија до 27:15.
Во 53 минута ја минавме границата од 30 гола кога Филип Миркуловски реализираше за +13. На крајот рутинско приведување на мечот кон крај за финални 35:23 и вкупни 14 разлика во двата натпревари во Атина и во Скопје. Кире Лазаров беше најефикасен со 10 гола, од кои 8 од игра, во тимот во кој се фунционираше, а по четири додадоа Прибак и Манасков. Прекрасна летна вечер во Скопје, по која македонскиот ракомет испиша уште една убава приказна во оваа талична 2014 година.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




