
Стариот континент на мундијалот за клубови IHF Суперлоб во Доха (Катар) на крајот од август ќе го претставуваат пак една шпанска и една германска екипа, како и во претходните две сезони. Светскиот првак, Барселона на Кирил Лазаров како бранител на титулата ќе биде носител од една од групите, а ќе и се приклучи и новиот европски првак Фленсбург, кој ќе биде класифициран во другата група.
Во финалето во 2013 година, Барселона го скрши отпорот на Хамбург и стана светски првак. Нашиот Лазаров десет последователни меча е без пораз во Доха, откако две години по ред е победник во дресот на Атлетико Мадрид и Барселона.