Андерсон го одведе Фленсбург на европскиот врв

Фленсбург - Кил 29:27 (14:16)
Стариот континент има нов германски владетел, во веројатно најголемото изнандување во историјата на најсилниот ракометен Куп. Дуелот на двата северни германски ривали многу подобро го почнаа „зебрите„ кои по три технички грешки на ракометарите на Љубомир Врањеш побегнаа на 1:4, па на 2:5. Вујин добро отвори, Палмарсон диригираше, а Никлас Екберг беше човекот кој предноста ја искачи на високи +5.
Многу брзо шведскиот стручњак побара минута одмор. Само Вајнхолд парираше, а Матијас Андерсон полека влегуваше во ритам на голот. Кога Свен Хансон и Егерт реализираа неколку контранапади, Фленсбург се довлижи до 11:13. Во многу чист и допадлив меч, одбраните не беа најдобри, па и покрај лошиот старт Фленсбург имаше добар финиш на полувремето. Могенсен и Егерт погодија за 14:16, а чудесниот удар на Палмарсон од девет метри, Матијас Андерсон успеаа да го одбрани. Но целото второ полувреме беше симултанка на голманот на Фленсбург, кој со серија на интервенции беше најзаслужен за целосниот пресврт.
Најнапред одбрани два зицери во серија и Егерт го израмни резултатот во 35 минута. За краток период Фленсбург го неутрализира и Палмарсон, а Јиха со повредата која ја влече беше далеку од својата најдобра форма. Така Свен Хансен и Гландорф му го донесоа првото водство на својот тим (21:20). Кога во 46 минута Андерсон пак се надмина себе си, Егерт погоди за 25:21 и титулата беше на дофат. „Зебрите„ се вратија во мечот и преку Тофт Хансен и Палмарсон дојдоа до 26:25. Но на крајот шведскиот голман ги одбрани ударите на Јиха и Вујин, а Гландорф го постигна голот за потврда на првата европска круна за екипата на Фленсбург (29:27).
Голманот Андерсон фати 19 топки, Егерт и Свен Хансен имаа по 7 реализации, а кај Кил, Палмарсон беше автор на 6, а Сигурдсон и Вујин на по 5 гола. Реванш со камата за поразот во двомечот од финалето на Лигата на шампионите пред осум години и потврда дека европската титула останува во северниот дел од Германија. Ова е прва европска титула за Фленсбург, а 19 за клубовите од Бундеслигата. Наредниот шести Final four ќе се одржи пак во „Ланксес арената„ на 30 и 31 мај 2015 година.




