Малото финале за поискусната Барселона

Барселона - Веспрем 26:25 (9:10)
Мечот кој требаше да биде утеха за поразот во полуфиналето и шпанскиот и унгарскиот тим го интерпретираа многу сериозно. Штербик добро почна на голот, а скоро 23 минути само Сергеј Рутенка постигнуваше голови за Барселона (6:6). Тимот на Ортега како повеќе да сакаше да победи и до одморот два пати поведе, но Лазаров два пати израмни. Во самата завршница Угалде погоди за +1 за Веспрем на полувреме (9:10).
Кога на почетокот на вториот дел Наџи и другарите поведоа со 13:9 стана загрижувачко за Барселона. Но Арпад Штербик се разбрани, Рутенка и Карабатиќ погодуваа и Барса дојде до 15:15. Кога се „кршеше„ резултатот два гола постигна Даниел Сармиенто, еден Лазаров, а погоди и Карабатиќ. Каталонците поведоа со 22:20 и само Чема Родригез со неговите инвидуални потези ја оставаше екипата на Веспрем во натпреварот. На 10 секунди до крајот со голот на Никола Карабатиќ, Барса ја потврди победата и го освои третото место.
Така со третото учество во Келн, екипата од Каталонија го зазеде и единственото место кое и недостигаше откако претходно го освои и првото и второто место. Арпад Штербик кој бранеше во голема форма и Рутенка кој постигна 11 гола беа творци на победата во малото финале. Кирил Лазаров постигна 3 гола, од кои 2 во првото и 1 во второто полувреме. Кај Веспрем Момир Илиќ со 7 гола беше најсветла точка и го осигура првото место во листата на стрелците. Така во своето првото учество, Веспрем не успеа да забележи победа во Келн, а Барса и покрај тоа што загуби само два натпревари во сезоната, остана без европската круна.




