Кил го лови Гумерсбах на вечната листа

Четврта европска титула за Кил или прва за Фленсбург е една од последните дилеми во ракометната клубска сезона. Кил кој во последната деценија доживеа ракометен процут ја брка четвртата европска титула и доближување до Гумерсбах, кој со пет европски титули е најуспешна германска екипа.
Убедливо на првото место на вечната листа е Барселона со 8 европски титули и уште 4 порази во финалните мечеви. Кил од шест одиграни финални мечеви, половина успеал да ги добие, а никогаш не загубил во Келн откако финалето се игра во еден натпревар. Заедно со Кил, уште и Дукла, Сиудад Реал, СКА Минск и Магдебург имаат по три европски круни. Германија е на првата позиција со 19 европски титули (вклучувајќи ја и оваа) и заедно со титулите на бившата ДДР. Зад Бундес тимовите се клубовите од Шпанија со 14 титули, а далеку заостануваат останатите Романија, Белорусија, Чехословачка и Хрватска (со бивша Југославија) со по три титули.




