ФОТО: Во Келн се слави ракометната игра
Ракометниот викенд во Келн е вистински празник на овој спорт и германците така го перфекционизираа што вистински мерак е да се биде гледач, навивач, волонтер, известувач од Final four викендот. Веќе 3-4 часа пред стартот на натпреварите во сегментот пред „Ланксес арената„ се собираат навивачи на сите четири тима, па дури и може да се пронајдат и фанови на Рајн Ловен Некер кои избрзале да купат билет, веројатно по оние +8 од првиот меч со Барса.
Со концерти и многубројни интерактивни игри, навивачите пијат домашно пиво Келш и го подигаат адреналинот пред полуфиналните средби. Во голем број и посебно расположени се навивачите на Веспрем кои за прв пат се на завршниот турнир и горат од желба да ја освојат првата европска титула.
Ниту една екипа во претходните пет години не учествувала на сите пет финални доигрувања за титулата, а Кил и Барса се најчестите гости во Келн.




