Егзибиција и победа од +16 за старо-новиот првак

Пуерто Сагунто - Барселона 28:44 (13:22)
Гостувањето кај Пуерто Сагунто на хартија беше едно од најтешките гостувања на Барселона до крајот на ASOBAL лигата. Мечот на македонските интернационалци Димитровски против Лазаров беше посебен мотив за оваа средба. Кога по првите три минути гостите поведоа со 0:4, јасно беше кој е кој во овој меч, како и во целата сезона. Рутенка и Јоан Саубич мотивирано го почнаа мечот, а Бериос Мартос дури во петтиот напад погоди за домаќините (1:4).
Пуерто Сагунто полека фаќаше приклучок и Кусак и Морињиго реализираа два контранапади за 4:5 во 7 минута. Шансата максимално ја користеше брзоногиот Саубич, кој со уште два гола од позиција на десно крило на гостите им донесе предност од 5:8 во 10 минута. Белорускиот интернационалец Рутенка со два нови гола низ одбраната на домаќините предноста ја зголеми до +6. На средина од првиот дел Гален погоди за Пуерто Сагунто за 7:12 и инерција на мечот како што им одговара на гостите.
Лазаров влезе во игра на средината од првиот дел и веднаш погоди во серијата на Барса од 6:0. Два гола додаде и Сорондо од линијата од шест метри, погоди и Балагер Ромеу и Рутенка за 7:18 во 22 минута. Во игра со многу подобри напади од одбрани, Апелгрен и Лопис ја намалија дистанцата, но Балагер и Страновски погодија во последната минута и на полувреме се замина со 13:22.
Вториот дел почна со два гола на Нодесбо за гостите и Анхел Фернандез Санчез за домаќините (15:24). Мартин Страновски во 37 минута реализираше од позиција на лево крило за 17:27. По 40 минути предноста на шампионот порасна до највисоки +12 со головите на Сармиенто и Нодесбо (18:30). Лазаров погоди во 43 минута по втор пат за +13 и највисока предност на каталонците. Казанова и Мартинез на средина од вториот дел погодија во мрежата на Робин, а Арињо со својот првенец зголеми на 21:34 за Барселона. Младите сили на Пасквал ја искористија шансата и Балагер погоди два пати, а и Рутенка реализира контра за 24:38 на 10 минути до крајот.
Физички Пуерто Сагунто падна во формата и Барса тоа максимално го користеше. Арињо со ефектен гол во 53 минута погоди за највисоки 16 гола разлика. Тогаш за 5 минути гостите направија серија 3:6 и благодарение на Раул Ентрериос и Гурбиндо предноста достигна огромни +15. Страновски во последната минута погоди за финални 28:34 и нова победа на фаворитот. Во победничката екипа Балагер Ромеу погоди 7 пати, а Саубич постигна 6. Рутенка и Нодесбо додадоа по 5, а Лазаров беше стрелец на два гола од исто толку удари. Кај Пуерто Сагунто Димитровски не доби вистинска шанса, Апелгрен и Морињиго постигнаа по 5 гола, а голманите Ибањез и Себастија Гарсија собраа 11 интервенции. 28 победа на исто толку натпревари и само уште два меча до перфектниот шампионат и рекордот на Сиудад Реал. Барса е на чекор да одбележи цела една сезона без пораз во домашниот шампионат, откако последен пат загуби во последното коло на ланскиот шампионат.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




