hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Офанзивен спектакл и Куп титула за Барса

kiro kup

Барселона - Грањолерс 42:32 (22:17)

Каталонското финале за титулата во Купот на Кралот беше вистински офанзивен арсенал на модерен ракомет. Со многу подобри и побрзи акции во нападот и ровити одбрани, поискусната Барселона подобро ги исконтролира емоциите. Рутенка по 27 секунди го постигна првиот гол на средбата. Возврати Перез Мартинез со два гола под ногата на Шариќ за 1:2. Лазаров првиот гол го постигна во петтата минута за 3:3.

По голот на Хуанин Гарсија од контра, нашиот репрезенативец реализираше седмерец за 5:4 за екипата на Пасквал. Но Грањолерс максимално ги користеше техничките грешки на фаворитот и со головите на Арко Перез и Линуеса поведе со 6:7 во 10 минута. По израмнетиот период и играта на наизменични голови, пак Лазаров ја отпочна позитивната серија на Барселона. Неговиот трет гол и додавањата до Нодесбо на половина од првиот дел на Барса му донесоа 12:9. Но Грањолерс имаше свои адути.

Руиз Санчез од чекор и Морено како изненадување за Шариќ, намалија на 14:12. До 26 минута шампионот не можеше да побегне на повеќе од 1-2 гола. Но пак Лазаров ја погоди мрежата на Грањолерс и почна нова позитивна серија, последна во првиот дел. По неговиот гол погодија и Нодесбо и Сармиенто и на одмор Барселона замина со 22:17. Тоа беше и највисоката предност во првиот дел за учесникот на Final four од Лигата на шампионите.

barca copafinale

Вториот дел почна со голови на Виран Морос и на Сармиенто за веќе осетливи 24:18. Разигрувачот Сармиенто делуваше посебно мотивирано и со уште три гола во серија на Барселона му ја одржуваше високата предност од 6 разлика. Грањолерс не се предаваше и Грундштајн и Сала со два гола во неполна минута го доближија својот тим до 27:24. Но тоа само ги мотивираше момците на Пасквал. Лазаров и Рутенка постигнаа идентични голови од дистанца, брзо им се приклучија и Арињо и Нодесбо за комотни +7 на половина од вториот дел.

Од тој момент победникот скоро и да беше познат. Пуиг Алберт и Бланшард Морено доближија до 31:25, но Барса не го остави противникот ни да се надева. Пак Лазаров со шестиот гол, па Хуанин Гарсија и Раул Ентрериос ја направија победата убедлива и спектакуларна. На крајот 42:32 за екипата на Барселона и враќање на трофејот од Купот на Шпанија по четири години во витрините на најтрофејниот клуб. Во финалниот натпревар Сармиенто постигна 7 гола, Лазаров беше стрелец на 6, а Хуанин Гарсија и Нодесбо на по 5. Голманите Шариќ и Робин одбранија 13 топки. Кај Грањолерс Перез Мартинез и Руиз Санчез со по 5 гола најмногу се истакнаа, а голманите Састре Родригез и Шулц собраа 12 интервенции. Очекуван крај на ракометниот викенд во Памплона и нова радост на Барселона и на Лазаров, кој со 13 гола беше прв стрелец на Final four на Купот на Шпанија. Остварена е уште една цел во незаборавната сезона на момците на Пасквал.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

Share