Лазаров: „Го добивме најтешкиот ривал, горд сум на македонските тимови„

И ден по виенската ждрепката за четвртфиналето на Лигата на шампионите, се коментираат паровите, патот до Келн, а и македонската сензација со два четвртфиналисти. Капитенот на нашата репрезентација, Кирил Лазаров за „Balkan-handball„ се осврна од се по малку во европската клубска мапа:
„Не чека тешка работа. Рајн Ловен Некер е многу тежок противник, но драго ми е што ги извлековме. Тие се можеби и најтешкиот противник. Ги сакаме предизвиците и со задоволство ги прифаќаме. Не чекаат два меча со по мене најквалитетниот германски тим во овој момент. Македонија би требало да биде горда на двете екипи кои стигнаа до четвртфиналето. Капата долу за Лино Червар, кого Македонија не го користи доволно, во однос на капацитетот кој тој го има. Најзаслужен е за сите успеси на Металург и создавањето на младата генерација на македонски играчи од клубската академија.
Работев со него и секогаш има добра проценка за се што има врска со ракометот. Раул Гонзалез со кого работев со Сиудад Реал воведе некои нови работи. Познавајќи го не сум изненаден што Вардар помина. Три години работевме заедно и можам да кажам дека од него може многу тоа да се „украде„ односно да се научи. Очекувам барем еден македонски клуб во Келн, а за мечот Веспрем - ПСЖ, унгарците се фаворити, но тоа не значи дека французите се далеку од Final four„ заврши Лазаров за специјализираниот ракометен портал.




