Фаворитот со лесна четвртфинална „виза„
Барселона - Алборг 31:20 (16:11)
Домаќините започнаа фуриозно и со цврста одбрана го примораа данскиот тим на лесни грешки, за да реализираат што е можно побргу. Лазаров погоди два пати во серија, од седмерец и од игра, а откако Сорондо зголеми на 7:3 во 10 минута, Николај Јакобсен побара тајм-аут. Од чекор Лазаров го фати во расчекор гостинскиот голман и потврди дека е максимално расположен (8:3). Слундт со два гола и Тведтен фатија приклучок за црвените од Данска за 9:5 во 13 минута.
Капитенот на нашата репрезентација со „бомба„ од 11 метри го постигна четвртиот гол од четвртиот обид (10:5). Шведскиот леворак репрезенатативец Јакобсон со гол и асистенција во 21 минута, ги доближи данците до 10:8 и Пасквал побара минута одмор. Штом гостите се приближија, Саубич со првиот и Лазаров со петтиот гол во 24 минута зголемуваат на +4. Следуваа две комбинаторни акции на домашната екипа, кои данецот во шпанскиот првак Јаспер Нодесбо ги реализираа за 14:10. Со таа инерција и многу подобра игра на фаворитот Барселона го доби првиот дел со 16:11, благодарение на голот на Сармиенто и одговорот на Јакобсон.
Со брзи три гола во првите три минути од вториот дел, Сармиенто и Раул Ентрериос предноста на Барса ја носат до 19:11. Кога и Едуардо Гурбиндо реализираше од својот прв шут, во 35 минута гостинскиот стручен штаб побара минута одмор при +9 за Барселона. Менсах Ларсен два пати реализираше низ транзиција за 21:14 во 38 минута. Даниел Шариќ на голот фати неколку топки, а Хуанин Гарсија од својата крилна позиција реализираше за 24:16 во 44 минута. Победникот беше решен,а Нодесбо предноста ја направи двоцифрена во 48 минута, кога со четвртиот гол на данецот, Барса поведе со 26:16. По враќањето во игра Кирил Лазаров, со вистински слалом погоди по шести пат за 28:18 во 54 минута. Минута подоцна Раул Ентрериос предноста ја покачи на највисоки +11 за екипата на Пасквал. Меѓу стрелците се запиша и дефанзивецот Виран Морос за 30:18, а Никола Карабатиќ од полуконтранапад „стрелаше„ за 31:19.
На крајот рутински меч, многу подобар од тој во Данска и лесен осминафинален двомеч за главниот фаворит за освојување на Лигата на шампионите (31:20). Лазаров со 6 гола беше прво име на средбата и видлива беше неговата мотивираност и желба. Нодесбо, Сорондо и Сармиенто постигнаа по 4 гола, исто како и Тведтен и Менсах Ларсен во поразениот дански вицешампион Алборг. Барселона по Веспрем и Флезбург е третиот патник во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Каталонците ќе бидат носители во ждрепката на 1 април, кога ќе го дознаат својот нареден европски ривал.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




