Барса и Лазаров „ги ставија рацете„ на титулата

Фригорификос Моразо - Барселона 24:37 (10:21)
На гостувањето кај Фригорификос Моразо, ракометарите на Барселона забележаа нова победа која им носи прва меч топка за освојување на нова титула во ASOBAL лигата. Каталонците со целиот ростер многу сериозно му пријдоа на мечот и противникот. Рутенка и Јоан Саубич по неполна минута погодија за 0:2. Рубен Солињо Гарсија од третиот напад го постигна првиот гол за Кангас од крилна позиција.
Во 6 минута Диаз реализира седмерец за домаќините за прво израмнување (3:2). Серафин Поусада Магдалено во 8 минута со гол од транзиција за прв пат донесе предност за Фригорификос Моразо (5:4). Но по 6:6 во 10 минута, шампионот ја затвори одбраната, постигна 10 гола и 12 минути не прими гол (6:16). По стариот обичај, со неверојатна леснотија Барселона погодуваше на сите можни начини. Томас од крилната позиција, Гурбиндо и Лазаров од позиција на десен бек, Сорондо од линијата. Мечот што се однесува до победникот беше решен. До одморот фаворитот ја задржа предноста. Нодесбо и Карабатиќ постигнаа уште по два гола за 10:21 по завршувањето на првото полувреме. Во вториот дел се разигра Кирил Лазаров и ја комплетираше убедливата победа.
Продолжението започна со два гола на Едуардо Гурбиндо за 12:23. Во 38 минута белорусинот Рутенка погоди спектакуларно, па два гола на Саубич до тајм-аутот на Фригорификос Моразо при 14:29. Кастањо и Гарсија погодија во мрежата на Робин, пред за почне шоуто на македонскиот интернационалец. Лазаров погоди три пати во серија, два пати од неговата позиција и еднаш од седмерец за 18:32 во 49 минута.
На трите гола на нашиот ас, одговори Кастањо со три гола за Кангас за 20:34. Во самиот финиш меѓу стрелците пак се најде и Карабатиќ, а мечот го заокружи Лазаров со петтиот гол за финални 24:37. 25 победа од исто толку мечеви за Барселона и тоа со половина „гас„ меѓу двата европски натпревари. Рутенка, Карабатиќ и Лазаров со по 5 гола беа најефикасни во победничкиот тим. Французинот Робин со 18 интервенции ја имаше најдобрата партија, откако дојде во Барселона. Кај Фригорификос Моразо, Кастањо и Поусада Магдалено со по 5 гола заслужија преодна оценка. Теоретски уште овој викенд, Барса може да стане шампион, а најдоцна по репрезентативната пауза во својата „Палау Блауграна„ ќе слави нов трофеј, прв шампионски во ASOBAL лигата за нашиот Кирил Лазаров.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




