Повеќе труд, но епилогот пак ист
Анхел Хименез - Барселона 25:32 (14:16)
Лидерот во шпанската ASOBAL лига Барселона мораше многу повеќе да се испоти од претходниот куп меч со Пуерто Сагунто, но пак на крајот забележа победа на гостувањето кај Анхел Хименез во Пуенто Хенил. Кирил Лазаров одигра одличен меч и беше најзаслужен за победата на Барселона. Токму Лазаров го отвори резултатот, а по пристапот видливо беше дека Барса добро влезе во мечот.
Брзо се растрчаа крилата, а и Сорондо погодуваше од линијата. Така момците на Пасквал поведоа со 1:4, па со 5:7. Се разигра Никола Карабатиќ и со два неодговорени гола на половина од првиот дел го принуди домашниот тренер на тајм-аут при 6:11. Од тој момент екипата на Анхел Хименез реагираше и постигна три гола во серија. Моја и Рио од линијата го доближија домашниот тим до 12:13. До крајот на првиот дел уште два гола на Лазаров и два на Јоан Саубич за гостите. И при последниот обид за одлепување, Анхел Хименез се врати и преку Игнасио Моја на одмор замина само со -2. Во првите два напади во продожението каталонците направија грешки во комбинаториката и Куенка Кањо и Моја израмнија на 16:16.
Тоа ги мотивира момците на Пасквал повторно да „нагазат„. Карабатиќ на два пати погоди во транзиција од гол до гол, па Саубич по одбраните на Шариќ реализираше две контри и Барселона пак стекна осетлива предност (18:22). Станислав Демовиќ и Куенка Кањо ја пробија гостинската обрана и пак домашните ракометари се доближија до -2. Но ред беше да се разигра и Раул Ентрериос и со два гола пак го оддалечи фаворитот. Кога Кирил Лазаров го постигна седмиот гол, предноста на Барселона достигна недостижни 24:30. До крајот Моралес и Оскар Рио само одговорија на головите на гостите за нешто поразумен пораз од -7 за екипата на Анхел Хименез, во сезона во која Барса ги декласира противниците и со +20 и постигнува скоро секогаш 40 гола.
Во победничката екипа на Пасквал, најефикасен беше Никола Карабатиќ со 9 гола, па нашиот Кирил Лазаров со 7, а одлични беа Саубич со 5 и Раул Ентрериос со 4 гола. Голманите Шариќ и Робан одбранија 11 топки. Во тимот на Анхел Хименез, најефикасни беа Васкез и Рио со по 5 гола. Иако играа во термин нешто по пладне, фаворитите од Барселона забележаа нова победа и со максимален учинок во шампионатот, само прашање на време е кога ќе ја прослават новата титула.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




