Барса е веќе во полуфиналето
Куп на шпанскиот Крал (четвртфинале - 1 меч)
Пуерто Сагунто - Барселона 21:42 (12:18)
Ракометарите на Барселона се првиот полуфиналист на Купот на шпанскиот Крал, кој во месец мај ќе го даде наследникот на Атлетико Мадрид преку второто издание на Final four. Лути по поразот од Металург, момците на Хавиер Пасквал цел бес го истурија врз екипата на Пуерто Сагунто, која во првиот дел парираше, но подоцна „го положи„ оружјето и со пораз од 21 разлика во Барселона ќе патува само за да биде уште еднаш спаринг партнер на моќната Барселона.
Лазаров и другарите добро го отворија мечот и по неколку одбрани на новиот голман Робин, уште по две минути резултатот гласеше 0:3. Страновски и Карабатиќ прелесно ги завршуваа акциите во транзиција и во 15 минута, гостите поведоа со 6:10. Плаза и Апелгрин со мини-серија на домаќините до одморот го доближија тимот на Пуерто Сагунто до -4, но Лазаров и Нодесбо на полувреме ја одведоа Барса со предност од 12:18.
Вториот дел беше вистинска симултанка на фаворитот, кој предноста тројно ја зголеми и на атрактивен начин со брзи акции и беспрекорна реализација го полнеше голот на Самуел Ибањез. Двете брзи крила Хуанин Гарсија и Виктор Томас и нашиот Лазаров реализираа две серии од по 4 неодговорени гола, па во 40 минута гостите поведоа со 16:28, а во 50 имаа 16:34. Во такот спектакл на офанзивна игра, прашање беше само каков ќе биде конечниот резултат. На крајот 21:42 и чиста формалност ќе биде возвратниот натпревар во Каталонија. Барселона најдобар стрелец имаше во нашиот Лазаров со 6 гола, како и ветеранот Хуанин Гарсија, Нодесбо и Томас постигнаа по 5. Во тимот на Пуерто Сагунто, Плаза и Рубен Руиз со по 4 гола беа најсветлите точки. Барселона се врати во својата вообичаена насока и има 48 часа да го подготви наредното гостување во ASOBAL лигата против Пуерто Сагунто.




