Лазаров: „Металург е многу подобар од есента„

Вечерва со чартер лет од Барселона, првакот на Шпанија и европскиот вицешампион патува за Скопје, каде единствено не успеа да победи оваа сезона и тоа во мечот со Вардар во септември минатата година. Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров одигра одличен меч против Металург во „Палау Блауграна„ каде каталонците убедливо славеа. Сега тој смета дека македонскиот вицешампион напреднал за разлика од првата половина на сезоната:
„Металург игра многу подобро оваа полусезона за разлика од есенскиот дел. За тоа доказ се и победата против Веспрем и бодот на гостувањето против Динамо во Минск, како и добрата партија во Париз против ПСЖ, каде домаќините трепереа до последниот момент околу прашањето на победникот. За разлика од есента играат многу побрзо и потечно. Што се однесува до нас, ние примарната цел ја остваривме со освоеното прво место во нашата група. Во секој случај натпреварот ќе го искористиме, бидејќи ни се потребни силни противници за да растеме како тим. Очекувам прекрасен амбиент во Скопје, бидејќи македонската публика тоа го заслужува„ ни рече Кирил Лазаров по еден од последните тренинзи пред доаѓањето со дрим-тимот на Барса во Скопје.




