И Гвадалахара мина како ПСЖ
Барселона - Гвадалахара 37:25 (21:9)
Во вонредното 19 коло од ASOBAL лигата, ракометарите на Барселона во „Палау Блауграна„ во сосема поинаков амбиент за разлика од мечот со ПСЖ, момците на Пасквал забележаа уште една победа пред гостувањето кај Металург во Скопје. Првакот одлично го отвори мечот и со два брзи гола на крилата Страновски и Томас, момците од Каталонија поведоа со 2:0. Минаа повеќе од 7 минути додека гостите од Гвадалахара за прв пат погодија. Гиљермо Валадао Гама од линијата од шест метри погоди за 3:1.
Барса со ист рецепт со многу комбинаторика и дури три голови на Нодесбо од пивотменска позиција поведе со 7:2 во 11 минута. Гама и Позер во неполна минута постигнаа два неодговорени гола и Гвадалахара намали на -3. Но разликата во класа беше евидентна. Даниел Шариќ одлично бранеше и од него почнуваше секоја контра, а Томас со лесни голови на половина полувреме, предноста ја донесе до 11:5. Полека се разигруваа сите алки во мозаикот на Пасквал, па и Рутенка и Лазаров погодија од првиот обид и Барселона поведе со 14:6. Во 25 минута пак Лазаров од контранапад ја годи целта и одпочнува нова серија на фаворитот.Црвено-сините направија серија од 7:1 и до полувреме предноста порасна до +12. Јоан Саубич и Сергеј Рутенка беа главни актери во поколниот финиш на првакот.
Вториот дел почна со голот на Енрике Плаза Лара за екипата блиску до главниот град. Раул Ентрериос го диктираше темпото на почетокот на вториот дел и во период со многу технички грешки во 44 минута, домашната екипа поведе со 26:14. Голманот на Гвадалахара Цезар де Оливеира одбрани неколку топки и неговата екипа ја спушти предноста под 10 гола. Виктор Виго Герпе со два гола од голема дистанца намали на -9. Тогаш пак каталонците „нагазија„ и Хуанин Гарсија со два гола од крилна позиција ја врати највисоката предност (30:16). Меѓу 47 и 52 минута кога домашната екипа го смени најдобриот тим, настана опуштање и Гвадалахара направи серија од 4:0. Герпе и Бозиланго Руиз беа главни актери во периодот во кој Барса остана без постигнат гол повеќе од шест минути. Но тоа го мотивираше тимот на Пасквал на рутина да го заврши мечот со нов бран на голови.
Во последните 8-9 минути домаќините постигнаа 7 гола и стигнаа блиску до 40 гола. Капитенот Томас како да го продолжи својот офанзивен фестивал од мечот со ПСЖ и постигна три гола во последните 5-6 минути. Му се приклучи Нодесбо со уште два гола од линијата за финални 37:25. Во победничката екипа Шариќ имаше 17 одбрани, Нодесбо со 7 и Томас со 6 гола беа најефикасни во тимот на Хавиер Пасквал. Капитенот Лазаров кој играше повеќе во првото полувреме постигна 2 гола, а имаше и 2 асистенции. Виктор Виго Герпе со 7 гола бепе најдобар за поразената екипа. 19 победа во низа во домашното првенство и добра генерална проба за Барселона пред второто овосезонско гостување во Скопје во Лигата на шампионите.
Комплетниот извештај од натптреварот можете да го погледнете ТУКА:




