Спектакл на Барса, спектакл и на Лазаров
Адемар Леон - Барселона 26:40 (12:20)
Во пресрет на мечот со ПСЖ, лидерот во најсилната шпанска лига, имаше незгодно гостување кај традиционалниот ривал Адемар Леон. Во прекрасен ракометен амбиент на северот на Шпанија, моќта на дрим-тимот на Барса, ја почувствува традиционалниот шпански клуб од Леон. Татаринцев по две минути ги доведе домаќините во водство, кое подоцна се испостави како единствено.
Нодесбо и Гурбиндо веднаш возвратија со голови за 1:2. Разигрувачот Даниел Сармиенто на два пати со соло продор ја проби одбраната на Адемар Леон и при 4:7 во 11 минута, домаќините побараа тајм-аут. Но цврстата одбрана, одбраните на Штербик и брзата транзиција, му понудија две контри на Виктор Томас и на половина полувреме, веќе беше 6:11 за екипата на Хавиер Пасквал. Гостите не го спуштаа ритамот и кога во игра влезе Рутенка, предноста се зголеми. Белорусинот постигна три гола на различни начини меѓу 20 и 24 минута и лидерот дојде во највисоки 9:15. За Адемар Леон, Татаринцев и неговата робусност, како и головите на Кариљо, беа единствената опција. Но до полувремето предноста на црвено-сините ја покачија Белегер со два гола и Седрик Сорондо на додавање на Рутенка, за +8 за гостинската екипа на одморот. Иако со само четири одбранети топки на Штербик, одбраната на Барса делуваше прецврсто за домашните ракометари.
Во вториот дел на голот на Барса застана Шариќ, во игра влегоа Карабатиќ и Лазаров, но ритамот и квалитетот на играта остана ист. Лазаров веднаш се наметна со два гола и потврди дека е во одлична форма, што можеше да се види од мечевите со Сиудад Енкантада, Вила де Аранда и Вакер Тун. Домаќините подобро го отворија овој период и преку Векин и Алонсо, спуштија на -6. Дури и Пасквал стана загрижен, кога после контра Диаз Виљамањан погоди за 24:28 и тренерот на европскиот вицешампион побара тајм-аут во 43 минута од мечот. Тогаш Лазаров го најде Томас, а овој од крилна позиција погоди за +5 за Барселона.
На идентичен начин нашиот капитен го проигра и Карабатиќ во следниот напад за 24:30 во 47 минута. Се разбрани Шариќ и немаше веќе лесни голови за домаќините. Така домашната клупа побара минута одмор на 11 минути до крајот и со дефицит од 6 гола, домаќинот влезе во финишот. По исклучувањето на Алонсо, својот добар момент го искористи Лазаров и со ефектен гол покачи на +7. Кога и Хуанин реализираше во контранапад, предноста за Адемар Леон стана дефинитивно недостижна. Домаќините цели 6 минути не постигнаа гол, а Сорондо со гол од пивотменската позиција, зголеми на највисоки 9 разлика. Дури во 53 минута Виктор Алонсо ја прекина серијата на Барселона. Но Лазаров со петтиот гол од исто толку обиди, предноста ја донесе до двоцифрени +10. Кога Рутенка погоди од седум метри, веќе на Адемар Леон му се закануваше катастрофа (25:36) Само Татаринцев ги возвраќаше ударите, а Лазаров се забавуваше и да додава, па го најде Белегуер за 37 гол на шампионот. Лазаров истрча контра во 58 минута и постигна ефектен за него шести гол, а за Барса 39. Голот наликуваше на последниот во победата на Македонија над Русија на мундијалот во Хрватска во 2009 година. Македонецот стигна да прокнижи уште едно додавање за голот на Белегуер за +14. Конечни 26:40, во час по ракомет на најкомплетната екипа на стариот континент. Комплетен меч на Барса и воодушевувачко второ полувреме на Лазаров, исполнето со ефектни голови (6) тимска игра и асистенции (6), а и игра во одбрана.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да погледнете ТУКА:




