Денес во 15 часот се кова стратегијата за Словенија

Три меча и три победи за ракометарите на Македонија во „Али Бин Хамад Ал Атијах арената„ во Ал Саад - Доха. И неделниот меч од осминафиналето ќе се игра во оваа арена, па според однапред одредениот календар на тренинзи, денес од 15 часот по средно европско време, момците на Обрван ќе го имаат единствениот тренинг пред мечот со момците на Борис Дениќ. Убава можност да се „скенира„ противникот, да се верификува зглобот на Јоноски, иако постои јасен оптимизам и да се најде вистинската стратегија за мечот во кој влогот е четвртфинале. Многу повеќе македонски одколку словенечки навивачи ќе има в недела во Доха и тоа треба максимално да го искористиме.
Од исходот на утрешниот меч зависи и нашата втора цел на ова првенство, пласманот на олимписките квалификации за Рио де Жанеиро 2016 година. Токму преку Словенија во април 2012 година за прв пат игравме квалификации за Олимписки игри, но во друштво на Шведска, Унгарија и Бразил не успеавме да го оствариме сонот. Првите седум репрезентации од ова првенство ќе имаат осигуран пласман во квалификациите во април 2016 година, а уште три места ќе произлезат од европското првенство во Полска наредниот јануари.




