Одлично прво полувреме, па хрватскиот „бран„ ја однесе победата

Б група
Македонија - Хрватска 26:29 (14:15)
Македонските навивачи го добија дуелот на трибините и ги имаше двојно повеќе од хрватските во „Духаул арената„ во Доха. Одлично го отворивме мечот, со зицерот кој Ристовски му го одбрани на Бичаниќ и првиот гол на средбата на Дејан Манасков. Хрватите реагираа со головите на Бичаниќ и Гојун, пред Георгиевски од контра да израмни на 2:2 во 6 минута. Капитенот Лазаров и Миркуловски со цепелин ја надмудрија одбраната на Голужа, а по заслуга на Борко Ристовски и Гоце Георгиевски за прв пат поведовме во 8 минута (4:3).
Нашата добра одбрана изнуди исклучување на Бичаниќ, а Миркуловски со вториот гол не „одлепи„ на 6:4. Капитенот Лазаров со својот втор гол ни ги порасна апетитите по 7:4 на семафорот по една третина од првиот дел. „Коцкестите„ стануваа конфузни и Манасков со нов лесен гол од контра го „зацементира„ нашиот добар почеток на мечот (8:5). Веќе беше вклучен алармот кај хрватите и по голот на Стоилов, Голужа побара тајм-аут при 9:5 во 14 минута. По едноминутниот одмор Чупиќ од седум метри и Марко Копљар од контра ја вратија Хрватска блиску до нашиот тим (9:7). Најбрзиот хрватски ракометар, Чупиќ пак побегна во контра и откако Македонија прими и трет неодговорен гол, Обрван побара тајм-аут во 17 минута со +1 за нашиот тим. По 6 минути без постигнат гол, Прибак не врати во водство, а Борко Ристовски нанижа 6 интервенции во нешто повеќе од половина полувреме.

На голот на Вори, возврати Наумче Мојсоски со неговите први голови на средбата (12:11). Борко делуваше фокусирано и не само што бранеше, туку 2-3 пати лансираше контра за сигурен гол. Така Владо Недановски погоди за 13:11 на 5 минути до одморот. Обостраните исклучувања не ни одеа во прилог и Карачиќ и Муса со голови на ракометарите од клупата го вратија хрватското водство (13:14). На влезот во последната минута Лазаров израмни на 14:14 со својот трет гол. Сепак Чупиќ со својот седми гол на 5 секунди до крајот на првиот дел, на одмор ја одведе Хрватска со еден гол предност. Вториот дел започна со израмнувачки гол за Македонија по седмерецот на Лазаров (15:15). Откако судиите измислија седмерец за Штрлек и исклучување за Кирил Лазаров, најефикасниот Чупиќ реализираше за 17:18. Таа игра со човек помалку скапо не чинеше и Вори од контранапад за прв пат ја доведе Хрватска на +2. Нашата игра стана понервозна и откако Бичаниќ постигна гол од позиција на десен бек, Обрван побара тајм-аут во 41 минута при 17:20.

Се разбрани Мирко Алиловиќ и се позатворен за нас беше хрватскиот гол. Предолго траеше нашата криза со само 3 постигнати гола во половина второ полувреме и Штрлек од одпадок го донесе највисокото водство на противникот (18:22). По црната серија која го зафати нашиот табор, Дејан Манасков со човек помалку погоди за 20о:24 во 50 минута. Македонија поврза три неодговорени гола откако и Лазаров и Никола Марковски реализираа и пак се врати драматиката (22:24). Но фаворит ги среди своите редови и по тајм-аутот на Голужа, Марко Копљар со својот трет гол пак ги оддалечи нашите надежи (22:26). Лазаров го постигна седмиот гол, но предоцна беше за нов пресврт. На крајот 26:29 за Хрватска која сигурно ќе биде прва во Б групата на мундијалот. Ние ако не загубиме против Австрија, ќе го освоиме второто место во групата. Во хрватскиот табор одлично второ полувреме на голманот Алиловиќ, кој имаше 14 интервенции, Чупиќ блескаше со 10 гола, а дури 16 заедно дадоа бековите на Голужа. Кај Македонија Борко Ристовски имаше 13 одбрани, капитенот Лазаров постигна 7 гола, а по три додадоа пивотменот Строилов и двете ктила Манасков и Георгиевски.
Комплетниот извештајод натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




